November 24, 2020 07:56
Македонија

Влада: Кафеаните ќе затвораат во 23 часот, автобусите ќе возат со 50% од капацитетот

Владата на седницата која ја одржа денеска донела одлуки и нови мерки со цел справување со коронавирусот, дознава ТВ21. Меѓу нив, онлајн работа на државни и јавна администрација, автобуси со половина капацитет да возат и работата на економските субјекти да заврши до 23 часот.

-Препорака до цела државна и јавна администрација до ошпштините и судовите согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени, редуцирано или онлајн од дома

-Автобусите да возат со 50% намален капацитет

-Сите економски субјекти да работат до 23 часот

Министерот за здравство Венко Филипче апелира мерките за заштита од ковид-19 кои се во Собранието итно да се донесат.

– Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави – потенцира министерот Филипче.

Тој укажува дека нема повеќе време за одлагање и дека состојбата со вирусот е сериозна.

– Истовремено им порачувам на граѓаните дека и постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат. Болниците се полнат и сите треба да сме свесни дека од секој од нас зависи како ќе ја надминеме состојбата. Следат ризичните есенски и зимски месеци и барам високо ниво на свест и почит кон трудот на здравствените работници – посочува Филипче.