December 9, 2022 13:47
Македонија

Владата функционира во полн капацитет, освен пополнување на местото на Милевски не се планира реконструкција

Oсвен изборот на нов министер за локална самоуправа по оставката на досегашниот, не се планираат други промени во владиниот кабинет. Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека Владата функционира со полн капацитет и дека не се планира реконструкција.

– Смена ќе има во Министерство за локална самоуправа, со оглед на тоа дека имаме оставка на министерот. Нема друг план. Друго нема во план, рече премиерот Ковачевски, кој вчера присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.

На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени” во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени”.

– Јас сметам дека ќе бидат многу мали, со оглед на тоа што Владата функционира во полн капацитет и ги извршува своите обврски и ја реализира Програмата така како што е договорено, рече премиерот. Новиот министер за локална самоуправа, според Ковачевски, ќе биде избран откако ќе биде потврдена оставката на досегашниот министер.

Ковачевски изрази задоволство што предлогот од Либерално – демократската партија за оваа позиција е Ристо Пенов, бидејќи, како што рече, за него тој бил еден од најдобрите градоначалници не само на Скопје, туку воопшто во државата, „којшто зад себе има голем број успешни проекти на коишто и ден денес сите сме сведоци”.

До него, како што нагласи, се уште не е стигнат официјалне допис од ЛДП за предлогот Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.

Во Собранието, пак, се уште не е доставена оставката на досегашниот министер Горан Милески. Од Собранието посочуваат дека доколку оставката биде испратена до нив неделава, таа би можела да биде констатирана на новата седница што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 17 октомври. Доколку со оставката пристигне и предлогот за избор на нов министер, гласањето би можело да се изврши истиот ден на нова седница.

 

За свикување нова седница, Џафери информирал вчера на редовната понеделничка средба со координаторите на пратеничките групи, на која повторно не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

И министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера ги отфрли како шпекулации информациите за негово заминување од министерската функција и за реконструкција на владиниот кабинет.

-Јас мислам дека ова се шпекулации, бидејќи и Владата и партијата СДСМ имаа став по тоа прашање. Она што го слушнавме и видовме, еве министерот за локална самоуправа  Горан Милевски, поднесе оставка. Слушнавме дека негов заменик би бил Ристо Пенов, еден искусен политичар и поранешен градоначалник, верувам дека со своето искуство ќе даде помош во работата на Владата. Што се однесува до останатите прашања сметам дека се на ниво на шпекулации, рече Бочварски во гостување на ТВ 24, прашан дали ќе има реконструкција на Владата и дали тој ќе си замине од функцијата.

И првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, исто така, вчера изјави дека промена во Владата ќе има само на испразнетото министерстко место за локална самоуправа, а за какви било други промени останува, вели, да одлучат лидерите на политичките партии.

– Јас не сум тој што одлучува, јас сум тој што извршува. Јас сум во Владата за да извршувам, а не да размислувам по однос на овие прашања. Има кој размислува за тие прашања, има претседател на партијата, органи на партијата, кои што ги носат одлуките. Јас ги извршувам тие одлуки, рече Груби при посетата на Струга.

Коментирајќи ја средбата на Блерим Беџети и Изет Меџити, кои се дел од членовите на ДУИ кои бараат промени во партијата, со независниот пратеник Кастриот Реџепи и дали постои можност за губење на парламентраното мнозинство, Груби вели дека на земјата и треба стабилно парламентрано мнозинство и одговорност од сите кои треба да придонесат во реализацијата на целите за зачленување во ЕУ.

Беџети и Меџити викендот се сретнале со независниот пратеник Кастриот Реџепи, а фотографија од средбата споделија на „Фејсбук” со хаштаг „заедно” без подетални информации. Меџити вчера за телевизија 21 потврди дека Кастриот Реџепи ќе се приклучи кон пратеничката група на ДУИ во Собранието.

– Една фотографија е еднаква на 1 000 збора. Пораката е јасна. Да, ќе дејствува со пратеничката група на ДУИ, изјавил Меџити.