Македонија

Владата денеска ќе ја одржи редовната 155-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска во 12:00 часот ќе ја одржи редовната 155-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На денешната седница ќе биде разгледана информација за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Поддршка на воздухопловна федерација“ на предлог на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје.

На предлог на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија министрите ќе разгледаат информација за потпишување на Договор меѓу Република Северна Македонија и организаторите на EXPO Dubai 2020.

На дневниот ред на 155 владина седница се најде и ќе се разгледува и предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост предложен од Министерството за труд и социјална политика.

Министрите ќе ја разгледаат и информацијата за вклучување на училиштата во иницијативата за саморефлексија при користење на дигитална технологија во образовниот процес преку употреба на алатката Selfie којашто веќе се употребува во 35 земји и е изработена од страна на Заедничкиот истражувачки центар при Европската комисија (Join Research Centre – JRC).