October 28, 2020 18:22
Македонија

Владата го појасни Груби: Помош за компаниите и невработените преку еднаков пристап кон сите

Владата ги помага и ќе им помага на компаниите за вработување на сите невработени лица, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании, кои имаат потреба од таква поддршка.

Ова го потенцираат од Владата за МИА, која побара појаснување за тоа дали принципот за правична застапеност влегува и во приватниот сектор, нешто што претходно денеска го најави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

– По однос на економските политики, Владата ги помага и ќе ги помага компаниите за вработување на сите невработени граѓани, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании кои имаат потреба од таква поддршка. Општествата во услови на криза треба да се засноваат на компетитивност на квалитети од различна припадност, како и на поддршка на најранливите заедници, нагласуваат од Владата за МИА.

Појаснуваат дека согласно програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество е наведено дека: „Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја”.

Претходно денеска Груби најави субвенционирање на вработувањата во приватниот сектор на припадници на другите етнички заедници во земјава, но рече дека не е познато како тоа ќе се реализира.

– Се уште не сме размислувале за мерките, вчера за време на дебатата беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде и државата има удел, дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање, сепак останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор, рече Груби, кој смета дека бројот на претставеноста на заедниците во приватните компании е многу мал.