December 5, 2022 09:03
Македонија

Владата во криза ќе троши дополнителни 50 милиони евра за повисоки плати за администрација

Со новиот предлог – Закон за административни службеници, Владата на СДС и ДУИ предлага линеарно покачување на платите на административните службеници, кои работат во Министерство или Секретаријат, за околу 170 евра нето плата по вработен, критикуваат од Левица.

-Со овој предлог закон (со сегашната вредност на бод), власта во најголемата економска криза, ќе треба да обезбеди за административците во министерствата и секретаријатите дополнителни минимум 50 милиони евра годишно во буџетот, за исплата на повисоки нето плати, придонеси и данок на личен доход.
Наместо рационализација на трошоците во време на криза, анти-социјалната влада дополнително го оптоварува државниот буџет, каде јавниот долг ја надмина критичната линија од 60% од БДП.
Наместо соодветни редистрибутивни мерки од најбогатиот слој кон загрозените групи граѓани, оваа криминална Влада без визија, стратегија и компетентност единствено нуди изговори за “увезена криза”, додека секојдневно ги зголемува непродуктивните трошења за лукративни цели.
Средствата кои треба да се обезбедат ќе паднат на товар на осиромашениот работник и со тоа Владата, место да воведе антикризни мерки, ќе ја продлабочи економската криза, која веќе е излезена од контрола, велат од Левица.