February 3, 2023 10:47
Свет

Вирус сличен на коронавирусот е откриен кај лилјаци во Кина

Вирус кој е многу сличен на вирусот САРС-КоВ-2, причината за корона, е откриен кај лилјаци на југот на Кина, пишува „Дејли меил“ повикувајќи се на истражување на научниците.

Вирусот, познат како BtSY2, е тесно поврзан со САРС-КоВ-2 и е еден од петте „загрижувачки вируси“ пронајдени кај лилјаците во кинеската провинција Јунан, кои „веројатно ќе бидат патогени за луѓето или добитокот“, велат научниците, пренесе „Дејли мејл“.

Истражувањето го водеа истражувачи од Универзитетот Сун Јат-сен во Шенжен, Институтот за ендемска контрола на болести Јунан и Универзитетот во Сиднеј.

– Идентификувавме пет вирусни видови кои се веројатно патогени за луѓето или добитокот, вклучително и нов рекомбинантен коронавирус сличен на САРС, кој е тесно поврзан со САРС-КоВ-2 и 50 САРС-КоВ- се вели во студијата.

За целите на студијата, истражувачите собраа ректални примероци од 149 индивидуални лилјаци кои претставуваат 15 видови, во шест окрузи или градови во кинеската провинција Јунан.

РНК – нуклеинската киселина присутна во живите клетки – беше извлечена и секвенционирана поединечно за секој лилјак.

Загрижувачки е тоа што истражувачите забележале повеќе случаи на повеќе вируси кои заразиле еден лилјак во исто време. Ова може да предизвика постоечките вируси да заменат делови од нивниот генетски код за да формираат нови патогени, според професорот Џонатан Бол, виролог од Универзитетот во Нотингем.

– Главната порака што можеме да ја извлечеме е дека поединечните лилјаци можат да содржат многу различни видови вируси, повремено да бидат нивни домаќини во исто време – рече професорот Бол, кој не беше вклучен во истражувањето, пренесе Телеграф.рс.