December 14, 2019 14:58
Економија

(Видео) Ќе се стопираат платите во сите институции кои нема да го ажурираат бројот на вработени

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес конференција се осврна на последната мерка што МИОА во координација со УЈП, ја спроведе, со цел внес на податоците на вработените во Информациониот систем за управување со човечки ресурси- ИСУЧР.<

„Министерството за информатичко општество и администрација воведе ред во системот на водење евиденција на бројот на вработени во институциите. Со цел пополнување на Информациониот систем за управување со човечки ресурси од страна на сите институции во државата, Управата за јавни приходи во соработка со МИОА, ја стопираше платата на институциите кои ги немаа внесено податоците за своите вработени во системот.

Оваа активност ги даде посакуваните резултати. Само во перидот од 15. октомври до денеска, во системот се внесени нови 32.247 податоци за вработените. Од овие, 21.827 податоци за вработени кои воопшто сме ги немале до сега, додека 10.420 податоци кои претставуваат ажурирање на претходно доставени податоци. Моментална бројка на вкупно внесени вработени се 91.653.

Нашата цел не е казнување на вработените. Затоа, денес сите  ќе ја добијат платата за месец октомври. Но, наша цел е воведување на ред во системот и обезбедување на точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор во ИСУЧР, согласно закон. Впрочем, граѓаните имаат платено над 2 милиони евра за овој систем за управување со човечки ресурси“, рече Манчевски.

На овој начин се постапува и по забелешката на Државниот завод за ревизија, каде беше наведено дека Информациониот систем за управување со човечки ресурси не се користи во целосен капацитет.

„Сакам да бидам директен и конкретен. Стопирањето на исплатата на плати, нема да биде еднократен процес. За да имаме во реално време релевантни податоци за вработените, неопходно е тие да се ажурираат навремено. Затоа, овој процес ќе се повторува секој месец и во секоја институција каде што нема да се внесуваат и навремено ажурираат податоците. Системите на УЈП и МИОА се поврзани и овој процес е веќе автоматски. Уште еден од придонесите на дигитализацијата. Ред мора да има.

На овој начин, конечно Извештајот за вработените во јавниот сектор, што ќе се објавува во март секоја година, ќе содржи податоци добиени од едно место, без да се прават вкрстувања од повеќе извори, како што беше тоа случај до сега. Податоците во системот ќе можат да се користат за голем број на анализи и статистика во реално време. Од институциите кои беа дел од проверките, се утврди дека платата беше стопирана во 80 институции. Голем дел од нив, како што веќе кажав ги ажурираа своите податоци.

Во оваа операција не беа вклучени здравствените, образованите институции и градинките. Проблемот со институциите во секторите здравство и образование, е поради несогласување на нивните сектори со секторите во останатите институции од јавната администрација. Едноставно природата на работа и структурата на овие институции е различна. Оваа нивна спецфика не била земена во предвид кога се пишувал Законот за вработени во јавниот сектор во 2015-тата година. Овој пропуст ќе се надмине со измените во Законот, кој набрзо ќе влезе во процедура.Исто така, дел од овој процес не се ни МВР и АРМ, затоа што нивна обврска според закон е доставување само на вкупна бројка на вработени, без поединечна анализа“, додаде тој.

Нови вести

Кредитната агенција „Фич” го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ стабилен

Valentina

Состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница, Копач го истакна напредокот на Северна Македонија во енергетскиот сектор 

Valentina

Колемишевски: Над 3 милиони евра кај граѓаните само преку мерката Мој ДДВ

zane