December 1, 2022 18:01
Свет

(Видео) Шведска пратеничка ја скрати косата во Европскиот парламент како знак на поддршка за Иранките

Шведската европратеничка Абир Ал-Сахлани ја скрати косата пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур во знак на солидарност со протестите во Иран. Во последните денови тоа е еден од неколкуте примери за поддршка на жените во Иран од Европа.

Антивладините протести започнаа во Иран на 16 септември по смртта на 22-годишната Маша Амини. Таа беше уапсена од иранската полиција за морал, бидејќи не го следела кодексот на облекување на Исламската Република. Поради ова, жените ширум Иран си ги запалиле хиџабите и си ги шишале косите на улица, пренесуваат медиумите во светот.

„Додека жените во Иран не се ослободат. Ние ќе бидеме покрај вас“, рече Абир Ал-Сахлани додека ја шишаше косата во Европскиот парламент.

Во Холандија, стотици демонстранти маршираа до парламентот во знак на солидарност со Иранките. Во Италија, посетителите на „Mакси“, Националниот центар за современа уметност и архитектура во Рим, оставија прамени од косата во проѕирна кутија како симбол на солидарност со Иранките. Кутија полна со прамени коса ќе биде доставена до иранската амбасада во Рим.

„Треба да знаат дека не се сами. Тие треба да знаат дека она што го бараат, кои се основни човекови права, е нешто против што сакаме да се бориме заедно со нив“, вели Џована Меландри, претседател на Музејот „Макси“ за Современа уметност.