February 17, 2019 11:24
Македонија Хроника

(Видео) Реконструкција: Беља и Демири не го удирале со нозе Саздовски по главата, очевидците тврдат спротивно

Бесир Беља и Скендер Демири не го удирале со нозе Никола Саздовски, а тој од ударите паднал на кутија од ЕВН, што е спротивно на сведочењата на неговата девојка, како и на други очевидци, што можеше да се заклучи од реконструкцијата на убиството која денеска се изврши на автобуската станица кај „Алкалоид“.

Под големо полициско обезбедување, реконструкцијата траеше повеќе од два часа, а булеварот „Александар Македонски“ беше затворен во двете насоки, а улицата од страната на автобуската беше затворена и за пешаци.

Беља и Демири беа донесени директно од затворот во Шутка, по што почна реконструкцијата. Откако обвинетите првично дадоа опис на настаните двајцата пак беа вратени во полициското комбе, а прва сведочеше малолетната девојка на Саздовски. Бидејќи е малолетничка, јавноста беше исклучена од сведочењето, па камерите на новинарските екипи, кои беа на околу сто метри од автобуската, не го снимаа нејзиното сведочење. Рекоснтрукцијата се одвиваше со статисти, кои беа облечени во скафандери, како и кукла која го преставуваше Саздовски.

По неа сведочеше уште еден очевидец, кој потврди како и на судењето дека тројцата обвинети го удирале Саздовски со нозе додека бил паднат, но според него, убиениот бил потпрен со главата врз кутијата.

По нив пак беа донесени Беља и Демири, кои овој пат детално покажуваа што се случило, ги поместуваа статистите, како и очевидците. Двајцата, секој посебно сведочеа како дошло до тепањето, но според нив, немало удирање со нозе.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Јетон  Љужа (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид” на булеварот „Александар Македонски” во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”.

Независно од реконструкцијата, Судечкиот совет одлучи да ги прифати како доказ видео- снимките од безбедносните камери на булеварот Александар Македонски во процесот за убиството на Никола Саздовски.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

 

 

Related posts

Арсовски: СДСМ да каже кои 650 работници ќе бидат избркани од „Југохром“

Igor

Во Институтот за судска медицина се идентификуваат телата на загинатите

Daniela

Кацарска не ја дискриминирала Јанкулоска поради мајчинството, оцени Уставен суд

Igor