Сè уште законскиот војвода од Сасекс, принцот Хари, се обрати во јавноста првпат по драмата што ја потресе Велика Британија и кралското семејство, откако тој и неговата сопруга Меган Маркл решија да станат финансиски независни.
На официјалниот инстаграм-профил на војводата и војвотката од Сасекс објавено е видео од обраќање на принцот Хари, во кое темата е спорт.
И покрај тоа што се наоѓаат во големи превирања, Хари продолжи со своите обврски, а на социјалните мрежи зборуваше за игрите „Инвиктус“, кои се меѓународен адаптивен мулти-спортски настан основан токму од него, објави „Блиц“.
Во нив ранети, повредени или болни припадници на вооружените служби и ветерани му ги покажуваат на светот своите способности во различни адаптивни спортови, почнувајќи од кошарка во инвалидски колички до веслање на затворено.
https://www.instagram.com/p/B7WYInoFE-q/
Самиот принц Хари служеше 10 години во вооружените сили, а овој пат имаше и јасна порака.
„Се надевам дека сите во Германија се подготвени за неверојатна спортска недела. Не се сомневам дека германската јавност ќе застане зад овие игри и дека секој натпреварувач ќе наиде на топол пречек“, рече Хари во своето обраќање.
Ова видео за половина час доби околу половина милион прегледи.