February 3, 2023 11:14
Свет

(Видео) Принцот не успеа да изведе државен удар во Германија- уапсени 25 десничари кои планиралеупад во Бундестагот

Со 3.000 полицајци утрово во Германија почна операција за апсење на екстремно десничарска терористичка група под обвинение за планирање државен удар, односно соборување на демократски избраната влада. Акцијата беше спроведена истовремено во единаесет германски сојузни покраини, беа претресени повеќе од 130 станови, канцеларии и магацини, а беа уапсени 25 мажи и жени. Претресени се и касарните на Командата на специјалните сили (КСК) во Калв, Баден-Виртемберг.

Сите 25 уапсени треба да бидат изведени пред истражните судии на Федералниот суд во Карлсруе во среда и четврток, пишува Шпигел. Екстремистичката група располагала со голема сума пари, а меѓу нив е и поранешна политичарка од АфД( Алтернатива за Германија) пратеник во Бундестагот, а денес судијка во Берлин.

Ова е една од најголемите полициски операции против екстремистите некогаш извршени во Германија. Под истрага се вкупно 52 лица, инволвирана е полицијата во Австрија и Италија. Главната акција се одржа во Баден-Виртемберг, Баварија, Саксонија, Хесен и Тирингија.

Целта е група десничарски екстремисти од милјето на таканаречениот Рајхсбиргер- Граѓани на Рајхот, кои не признаваат демократска држава.
Мозокот е 71-годишен брокер за недвижности од Франкфурт, теоретичар на заговори со историско име Хајнрих XIII. Принцот Ројс.

Тој жали за монархијата, за него денешна Германија не е суверена држава. Вториот осомничен е поранешниот командант на армиските падобранци Рудигер фон П. (69).  Во радикаизацијата се смета дека помогнала и Теоријата на заговор QAnon, која одигра улога во мобилизирање насилници да го нападнат Капитол во Вашингтон во јануари 2021 година.

Според истражителите, заговорниците околу принцот Ројс од ноември 2021 година планирале вооружен напад врз Бундестагот и апсење на политичари очекувајќи дека тоа ќе предизвика немири во Германија. Тие сметаа на тоа дека потоа дел од безбедносните сили ќе премине на нивна страна, што ќе доведе до преземање на власта. Но, според информациите на Шпигел, поминале неколку дена од датумот кога групата сакала да го изврши нападот, а тие не презеле ништо.

Осомничени се неколку поранешни војници на Бундесверот, еден активен офицер кој работи како логистика во касарната Калв и најмалку еден суспендиран полицаец. Во групата има уште еден адвокат, интернист и пилот. Групата планираше да организира армија во сенка низ Германија за да го спроведе планот за државен удар. Според истражителите, тие на различни начини се обидувале да дојдат до оружје и опрема. Одржале обука за гаѓање, купиле десетина сателитски телефони. Според информациите од безбедносните органи, организацијата располагала со невообичаено голема сума на пари.

Една од групите во рамките на осомничената група- „Обединети патриоти“, чии водачи беа уапсени низ целата земја, вклучително и во Саксонија, меѓу другите го планираа киднапирањето на сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах (СПД). Покрај тоа што се љубители на теории на заговор, германската екстремна десница се противници на епидемиолошките мерки. Во случајот на Обединетите патриоти, државниот обвинител во Кобленц истражува вкупно дванаесет мажи и жени. Како што соопшти вчера полицијата, групата сакала да предизвика прекин на електричната енергија во целата држава со саботирање на трафостаници и далноводи за да предизвика хаос.

Потомок на благородничкото семејство Хајнрих XIII. принцот Ројс е добро познат во Тирингија, тој е обвинет дека ја водел групата и собирал пари. Принцот со години е сопственик на ловечка куќа, или замок во близина на Бад Лобенштајн во Тирингија. Полицијата детално го пребарала неговиот замок и други станбено-деловни простории. Инаку, Хајнрих XIII живее и работи во Франкфурт. Во Бад Лобенштајн во средата наутро беше претресено седиште на компанија поврзана со британска компанија со седиште во Лондон. Сеуште не е јасно дали преку овие фирми се собрани пари за „Патриотскиот сојуз“ на принцот.

Поврзани вести

Улици затворени кај Кале – МВР подготвена во целост да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните (Фото)

admin

Греењето во Скопје ќе биде исто за сите- од 6 до 22 часот и внатрешна температура меѓу 20 и 21 степен

Valentina

Компјутери од Владата за училишта, Арсовска ги дели како донација од Град Скопје

admin