December 1, 2021 20:10
Свет

(Видео) По хаосот во Ротердам, откажан протестот против ковид-мерките во Амстердам

Протестот против епидемиолошките мерки закажан за денеска во Амстердам е откажан по насилството што изби синоќа во Ротердам, соопштија организаторите.

„Пекол беше синоќа во Ротердам“, објави организацијата „United We Stand Europe“ на Фејсбук.

Протестот против епидемиолошките мерки и делумното затворање ескалира синоќа во центарот на Ротердам во бунт во кој беа повредени најмалку седум лица, меѓу кои и полицајци, а неколку десетици лица беа приведени. Причинета е и голема материјална штета, пренесоа агенциите.

Организаторите затоа заклучија дека одржувањето на денешниот протест во Амстердам не би било соодветно.

Насилството во Ротердам го осуди министерот за безбедност и правда Ферд Граперхаус. Граперхаус рече дека е извршено екстремно насилство врз полицијата, итните служби и пожарникарите и најави темелна истрага за полициската употреба на оружје, пренесуваат агенциите.

Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб ги опиша настаните како оргии на насилство. Полицијата во Холандија ретко користи огнено оружје.

Холандскиот министер за правда рече дека целни напади биле извршени врз полицајци, пожарникари и новинари. Неколку стотици полицајци дојдоа од целата земја во тој пристанишен град за да помогнат во воспоставувањето на редот. Полицијата околу 1 часот и 30 минути известила дека ситуацијата конечно е под контрола.