December 5, 2020 00:07
Свет

(Видео) Последна дебата пред изборите: Трамп вети вакцина до крајот на годинава, Бајден апелира да се носат маски

Доналд Трамп и Џо Бајден разменија сериозни обвинувања на последната дебата пред претседателските изборите во САД што се одржа во Нешвил. Трамп најави „пропаст“ доколку Бајден победи на изборите. Бајден вети милиони нови работни места.

По бурната прва дебата, имаше некои измени во правилата, па за време на воведните двоминутни говори на кандидатите, микрофонот беше вклучен само на говорникот, со цел да се избегне прекинување и размена на навреди.

Кандидатите имаа шест теми пред себе – борбата против коронавирусот, позицијата на американското семејство, расното прашање, климатските промени, националната безбедност и начинот на водење на земјата.

Трамп веднаш ја обвини Кина за здравствената криза и рече дека вакцината ќе биде готова во следните неколку недели. Тој објасни како се опоравил откако поминал неколку дена во болницата Волтер Рид.

Бајден ја отвори презентацијата со информација дека 220.000 Американци починале од коронавирус и дека лицето одговорно за таквиот исход не треба да остане на чело на нацијата. Поранешниот потпретседател на САД апелираше до Американците да носат маски и вети брза акција против пандемијата доколку биде избран.

„Ветувам дека ќе направам план“, рече Бајден.

Трамп рече дека рокот од неколку недели за вакцината е реален, но дека е можно таа да биде готова до крајот на годината. Тој исто така изјави дека ѝ укажал на армијата да распредели 100 милиони дози од вакцината.

„Нè чека мрачна зима, бидејќи немаме план“, одговори Бајден. Бајден вети дека ќе го нападне вирусот, но рече дека е потребен систем за да се заштити нацијата од ширењето на ковид-19.

Трамп веднаш ги нападна градовите и државите предводени од демократите, наведувајќи ги Њујорк и Калифорнија како места кои целосно се затвориле и умираат.

Претседателот на САД уште еднаш силно се спротивстави на затворањето на земјата, изјавувајќи дека ваквиот потег ќе предизвика економска катастрофа.