February 21, 2020 05:44
Свет

(Видео) Макрон ги исфрли израелските полицајци од црква во Ерусалим

Францускиот претседател Емануел Макрон ги исфрли припадниците на израелската полиција од црквата „Света Ана“ во стариот дел на Ерусалим, која според меѓунардоните правила претставува француска територија.

Снимките од инцидентот го прикажуваат лутиот Макрон кој повикува на почитување на правилата.

„Сите совршено добро ги знаеме правилата. Не ми се допаѓа тоа што го направивте пред мене. Излезете надвор“, рече Макрон, но остана нејасно што ја предизвика неговата остра реакција.

На снимките се гледа како Макрон им се обраќа на припадниците на израелската полиција со зборовите дека одлично ја завршиле својата работа во градот и ги замолува да ги почитуваат правилата што постојат со векови, па француските медиуми претпоставуваат дека влегувањето на израелските сили за безбедност во храмот е причина за неговото негодување.

Сличен инцидент се случил и во 1996 година кога тогашниот француски претседател Жак Ширак побарал од изралеските сили за безбедност кои носеле оружје да излезат од црквата „Света Ана“.

Макрон во Ерусалим учествува на петтиот Светски форум за Холокаустот, што се одржува денеска и утре.