December 6, 2022 21:04
Свет

(Видео) Истекува гас и експлозии на гасоводите Северен тек, Москва обвини за саботажа

Кремљ објави дека не ја исклучува можноста штетата на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море да е предизвикана од саботажа, додека Европската комисија вели дека е прерано да се шпекулира за причината за истекување на гас во два цевководи наменети за испорака на гас од Русија во Европа.

„Норд стрим АГ“, операторот на гасоводот, претходно објави дека три морски линии на „Северен тек“ претрпеле невидена штета за еден ден.

„Ниту една опција не може да се исклучи“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето за можноста за саботажа.
Данската енергетска управа (ДЕА) вели дека има многу истекување на гас и дека дупката во Северен тек 2 е голема.

Првиот човек на оваа данска организација вели дека истекувањето на гас ќе продолжи уште неколку дена, а можеби и една недела. Тој вели дека големото количество меурчиња на површината укажува дека дупката во цевката е многу голема. Данските поморски власти издадоа предупредување за бродовите.

Данската војска објави видео од хеликоптер на кое се гледаат меури на површината на морето предизвикани од истекување на гас. Местото е широко стотици метри.

Шведската национална телевизија СВТ објави дека сеизмолозите снимиле подводни експлозии во близина на гасоводот Северен тек во последните 36 часа. Експлозиите се регистрирани во самата близина на местото каде што дошло до истекувањето на гас.

„Нема сомнеж дека се работи за експлозии“, вели Бјорн Лунд, предавач по сеизмологија во Шведската национална сеизмичка мрежа, SNSN. Првата експлозија е снимена во понеделникот во 02:03 часот, а втората во понеделникот во 19:04 часот.

Предупредувањата за истекување на гас дојдоа од Поморската управа во понеделникот во 13:52 и 20:41, соодветно, откако бродовите открија меурчиња на површината.

„Можете јасно да видите како брановите се рефлектираат од дното кон површината. Нема сомнеж дека дошло до експлозија“, објави СВТ.