Пожар рано утринава зафатил еден од најголемите трговски центри во близина на Москва, соопштија локалните служби за итни случаи. Дел од структурата на центарот се урнал, што им отежнувало на пожарникарите да го изгаснат пожарот, пренесува Ројтерс.
Трговскиот центар Мега се наоѓа во Химки, а пожарот се проширил на површина од околу 7.000 квадратни метри. Експлозии се гледаат и на видеата кои почнаа да се шират на социјалните мрежи. Засега нема извештаи за жртви.
„Пожарникарите гаснат пожар на површина од 7.000 метри квадратни во околината на Москва“, објави на Твитер рускиот министер за вонредни ситуации.
Мега Химки е еден од најголемите трговски центри во Европа со околу 200 продавници за малопродажба, вклучувајќи го и ОБИ, кој е еден од главните закупци.
Пред инвазијата на Украина и повлекувањето на бројни компании од Русија, тој беше дом на голем број западни трговски синџири, вклучително и една од првите продавници на ИКЕА во таа земја.