September 26, 2020 07:22
Свет

(Видео) Голем пожар во италијанско пристаниште, изгореа неколку складишта

Голем пожар избувна синоќа во близина на пристаништето Анкона, италијански град на јадранскиот брег. Огромен чад и оган можеле да се забележат на самото место, пренесува Ројтерс, но засега нема извештаи за жртви.

Пожарникарите известија дека пожарот избувнал во близина на пристаништето, околу триесет минути по полноќ.Пожарот зафати неколку магацини, а 16 екипи на пожарникари биле испратени на лице место.

Пожарникарите превентивно остануваат и понатаму на пристаништето, коешто е целосно затворено. Полицијата патролира во тој дел од градот на јадранскиот брег.

„Кориере дела сера“ пишува дека причината за пожарот засега е непозната, но дека експлозијата во магацинот со ацетилен се разгледува како една од опциите.

Густ чад се ширел низ градот и бил видлив со километри, а силна миризба може да се почувствува во Анкона, известуваат медиумите.

Властите апелираат до граѓаните да не ги отвораат прозорците на нивните куќи и станови, а градските паркови и јавните површини се затворени.

Корисниците на социјалните мрежи објавија фотографии од пожарот, споредувајќи ја Анкона со Бејрут, каде неодамна се случи голема трагедија кога експлодира амониум нитрат.