October 23, 2020 09:47
Македонија

(Видео) Бачев: „Никогаш Северна – само Македонија“ е тргнато од гласачкото ливче по реакција на грчката амбасада

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, поднесе приговор до ДИК и бара одговорност зошто името на нивната коалиција „Никогаш Северна – само Македонија“ било тргнато од гласачките ливчиња и наместо тоа, останал само редниот број 11.

Бачев вели дека се сомнева оти името на нивната коалиција било отстрането од избирачките ливчиња по реакција од страна на грчката амбасада непосредно пред почетокот на изборниот ден.

„На овие избори останавме безимени. Во последен момент името на коалицијата беше тргнато од гласачкото ливче. Граѓаните беа збунети, но и ние, кога видовме дека стои само редниот број 11 и празно место. 20 дена водевме кампања под овој назив и бевме прифатени од страна на ДИК и заведени со ова име. Затоа, денес поднесовме приговор по основ на изборна измама и повреда на избирачкото право на подносителот на листата. Немаме потврдено, но колку што разбравме, реакцијата дошла од страна на грчката амбасада, која извршила притисок кај власта и ние останавме безимени. Срамно и штетно е ова што ни го направија“, вели Бачев.

Тој се сомнева и во изборна манипулација со гласовите на нивната коалиција за што поднесе уште еден приговор до ДИК, со кој бара увид во над 24 илјади гласачки ливчиња што се водат како неважечки, а според него, требало да бидат гласови на коалицијата.

„Имаме 24.066 неважечки ливчиња, на кои е заокружен бројот 11, тоа е глас за нашата коалиција, но до нив стои некаков знак, цртичка или точка и така станале неважечки. Сомнително е како може толку многу гласови да бидат неважечки на ист начин. Затоа, бараме увид во неважечките ливчиња, кои, според сознанијата од набљудувачите на терен, се многу повеќе од оваа бројка“, изјави Бачев.

Тој додава дека доколку не ги имало овие работи во изборниот процес, коалицијата би имала најмалку двајца пратеници во Собранието.