December 10, 2022 05:42
Свет

Велика Британија предлага план за забрана на бегалците кои илегално го минуваат Ламанш да бараат азил во државата

Британската министерка за внатрешни работи Суела Брејверман го претстави планот според кој на мигрантите кои ќе го преминат Ла Манш нема да им биде дозволено да бараат азил во Велика Британија. Таа рече дека „сонува” да види владин лет на бегалци депортирани во Руанда.

Владата е под притисок да се справи со зголемениот број луѓе кои патуваат по опасни рути, и покрај плановите на државата да ги депортира во Руанда.

Повеќе од 30.000 луѓе годинава го поминаа Ламанш со мали чамци, надминувајќи го минатогодишниот рекорд. Владините претставници предупредија дека вкупниот број на мигранти би можел да достигне 60.000 до крајот на 2022 година.

Брејверман ја искористи годишната конференција на британската владејачка Конзервативна партија за да одржи говор. Таа рече дека ќе бара нови законодавни овластувања за владата да може да ги депортира оние што илегално доаѓаат во Британија.

„Треба да ги спречиме чамците да го преминуваат Ламанш. Ова трае предолго”. Ви ветувам дека ќе предложам законски измени за да стане јасно дека во државава може да се влезе само безбедно и легално”.

Новите правила ќе се разликуваат од постојното законодавство и ќе воведат целосна забрана за барање азил за секој кој илегално ќе влезе во државата, вклучувајќи ги и луѓето кои поминуваат со чамци преку Ламанш.

Првиот закажан лет за депортација во јуни беше откажан во последен момент по налог на Европскиот суд за човекови права.

Браверман, чии родители пристигнале во Британија во 1960-те од Кенија и Маурициус, во својот говор рече дека владата ќе продолжи да им помага на вистинските баратели на азил. Но, таа вели дека се потребни промени за да се запре злоупотребата.