April 15, 2021 10:57
Свет

Вашингтон: Кина насилно ги подложи нашите дипломати на анални тестови за ковид

Кина негираше дека ги подложила американските дипломати на анални тестови за Ковид-19 откако Вашингтон објави дека некои членови на американскиот персонал морале да ја поминат таа постапка.

Вашингтон се пожали дека постапката е „недостојна“ и им порача на персоналот да го одбијат тестот доколку од нив биде побарано да го сторат тоа.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека „Кина никогаш не побарала од американски дипломати во таа земја да поминат низ процедурата за земање брисеви од анусот“.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека Вашингтон е „посветен на гарантирање на безбедноста на американските дипломати и нивните семејства и зачувување на нивното достоинство во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи и другите релевантни членови на дипломатското право“.

Американскиот весник „Вашингтон пост“ минатата недела напиша дека одредени членови на дипломатскиот персонал пријавиле во Стејт департментот дека биле подложени на ваков вид тестови. Оваа постапка се изведува во Кина затоа што, според некои извештаи, таа е многу попрецизна од брис од нос или уста.