April 21, 2021 01:11
Македонија

Василевска: Овој попис нема да претставува попис на резидентното население, туку е политички договор меѓу Заев и Ахмети

Иванка Василевска, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „24 Анализа“ зборуваше за пописот каде посочи дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова нема да претставува попис на резидентното население, не е реален статистички попис, туку е политички договор помеѓу Заев и Али Ахмети односно треба да донесе бенефит помеѓу коалиционите партнери.

-За неполни осум дена ние како ВМРО-ДПМНЕ добивме поддршка од над 100.000 граѓани кои со име и презиме застанаа зад нашиот предлог за поништување на ова законско решение за спроведување на некаков си попис. Всушност тоа го говоревме и во изминатиот период, ставот е ист, ова не е попис на резидентно население, ова не е реален статистички попис кој треба да ни донесе проекција за следните 10 години, ова е политички договор помеѓу Заев и Али Ахмети и кој треба да донесе одреден бенефит помеѓу коалиционите партнери, секако тоа си е во доменот на политичките пазари и политичките преговори како тие ќе одлучат на каков начин ќе ги тераат своите внатрешно-коалициони активности, рече Василевска.

Понатаму Василевска во врска со темата за попис посочи дека со ова законско решение нема да се дојде до она што е и суштина на пописот.

Ние како одговорна опозиција но и како македонски граѓани и пред се како претставници и заштитници на македонскиот народ сметаме дека со ова вакво законско решение ни далеку приближно нема да дојдеме до она што е всушност е и суштината нели да се изврши едно попишување по сите оние стандарди за кои претходно сме говореле. Намерно не отидовме во подрачните единици на министерството за правда затоа што во овој хибриден режим очигледно е дека доколку ги добиеме и матичните броеви на сите тие граѓани кои ќе ни дадат поддршка ќе беа таргет на друг тип на малверзации, закани, уцени односно со сите оние средства со кои се користи оваа власт изминативе 4 години. Нашата цел не им е да им се напакости на луѓето туку да им се овозможи еден демократски процес во кој ќе треба власта да ги артикулира потребите на сопственото граѓанство, додаде Василевска.

 

Василевска во своето гостување посочи дека бројката на 35. 000 попишувачи ќе бидат од партиската војска на СДСМ и ДУИ кои ќе бидат предизборно нахранети.

Методологијата ги одразува најголемиот дел од одредените  параметри кои што ги бараат Евростат. Но ако беа толку транспарентни ќе допуштеа методологијата заедно со предлог законот  да отидат во собраниска процедура. Методологијата е објавена вон-законското решение како подзаконски правен акт и тоа отвори многу дебати  зошто ова се случува. Бројката на 35.000 на попишувачи ќе биде ништо друго освен партиската војска на СДСМ и ДУИ кои ќе бидат предизборно нахранети, ангажирани за две цели да ги затишат малку финансиски, но и да ги дополнат своите датотетки во однос на состојбата и расположение пред престојните локални избори. Токму тоа и ни се случи минатата недела партиските ограници на СДСМ најтранспарентно  си повикаа свое членство да се пријави и да влезат во оваа екипа на попишувачи, рече Василевска.

Понатаму Василевска во врска со пописот ја посочи и пандемијата која владее и посочи дека со ова власта го доведува во ризик здравјето на сите граѓани.

Има уште еден момент кој не треба да се заборави, сега сме 2021 година и покрај другите недостатоци кои ги има ова законско решение имаме ситуација на сериозна светска пандемија. Ние имаме ситуација во која ова попишување ќе се врши без никакви превентивни мерки  од аспект на превентивата која на светско ниво е во тек. Ние треба да влеземе во ризик со тоа што ќе прекршиме Устав и ќе го доведеме во знак на прашање нашето здравје и здравјето на нашето семејство, додаде Василевска.