February 3, 2023 10:13
Македонија

Вал: Мисијата на ОБСЕ во 2023. отвора дискусија за подобрување на функционалната независност и долгорочна одржливост на МИА

Мисијата на ОБСЕ во Скопје следната година ќе се состане со голем број засегнати страни за да дискутира како да се подобри функционалната независност на Медиумската информатива агенција – МИА и долгорочната одржливост, со цел да се изготви извештај за проценка, кој ќе вклучи финален сет од препораки, информира во интервју за МИА, новиот шеф на Мисијата на Организацијата во земјава, Килиан Вал.

Вал во интервјуто одговори на прашањето за планираните активности на ОБСЕ за 2023 година во врска со решавањето на статусот на МИА, како и за механизмот на финансирање на државните новински агенции.

-МИА е примарниот извор на вести во државава со тоа што онлајн и локалните медиуми особено се потпираат на нејзиното известување за националните и меѓународните прашања. Минатиот декември, Државната комисија за спречување корупција препорача статусот на МИА да се регулира преку посебен закон. ДКСК и Здружението на новинари веруваат дека оперативната структура на МИА треба да се реформира со цел да се зголеми нејзината институционална независност и одржливост, истакна амбасадорот Вал.

Тој потенцира дека јавните медиуми, заедно со подобрена институционална транспарентност, се клучни во добрата информираност на луѓето и справувањето со дезинформациите.

-За да се постигне ова, јавните медиуми мора да се финансиски стабилни, слободни и заштитени од произволни владини одлуки и политички притисок со цел да ја одржува уредувачката независност. Оваа тема ми е доста блиска бидејќи порано бев новинар во јавниот радиодифузер во Германија, нагласи Вал.

Со новиот амбасадор на Мисијата на ОБСЕ разговаравме и за предлогот за бришење на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Измените, како што се наведува во предлогот, кој се носи по скратена постапка, предвидуваат воведување начин на изборот на емитување на кампањи од јавен интерес со цел да се има поголема транспарентност при изборот како и почесто спроведување и емитување на истите, во насока на подигнување на јавната свест.  Во предлог законот е наведено дека Владата има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно ниво.

Предлогот предизвика реакции од фелата и еснафските здруженија, кои изразуваат стравување дека со овие измени на голема врата се враќа политичкото влијание во уредувачката политика на медиумите.

-Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите го дискутираше ова прашање за време на нејзината посета во Скопје годинава. ОБСЕ верува дека примарниот канал за владина комуникација со јавноста треба да биде преку јавните медиуми, како што е јавниот радиодифузер. Во секој случај, владиното рекламирање за кампањи од јавен интерес во приватните медиуми може да се погрижи јавноста да е добро информирана и во исто време да се подобри финансиската одржливост на медиумите. За да се стори тоа, и да се намали ризикот од злоупотреба на јавни средства и заробување на медиумите, особено е важно законот и практиката да се транспарентни, недискриминирачки и правични, вели Вал во интервјуто за МИА.

Додава дека со оглед на тоа што ова прашање е многу значајно и бидејќи носи и потенцијални поволности и ризици и смета дека особено е важно релевантниот закон да се развие на инклузивен и транспарентен начин преку отворен и конструктивен дијалог со медиумите и другите релевантни засегнати страни.

-Ова ќе помогне да се создаде доверба кај јавноста и доверба во евентуалниот закон. Доколку властите овде сакаат, канцеларијата на Претставничката за слобода на медиумите е подготвена да ја анализира усогласеноста на нацрт-законот со релевантните заложби на ОБСЕ како и со меѓународните стандарди во полето на слобода на медиумите, нагласува Вал.