October 20, 2020 18:45
Спорт

Валентино Роси потпиша за Petronas Yamaha

Деветкратниот светски шампион во мотоциклизам, Италијанецот Валентино Роси, ќе се натпреварува во класата Мото ГП и во следната сезона, за тимот Петронас Сепанг рејсинг (СРТ) Јамаха. Роси го загуби местото во фабричкиот состав Јамаха за 2021 година за да им отстапи место на Фабио Квартараро и на Маверик Виналјес.

Роси (42) сакаше на првите шест или седум трки годинава да се увери дали е доволно конкурентен за да продолжи да вози, но пандемијата на коронавирусот го спречи во тоа. По рестартот на сезоната во Херез во јули тој рече дека е 99 отсто сигурно оти ќе потпише за СРТ, но дискусиите продолжија и наредните месеци, бидејќи двете страни финализираа одредени битни детали, како што е екипата што ќе го придружува во СРТ.

– Среќен сум што продолжувам да возам и во 2021 година. Многу размислував пред да ја донесам оваа одлука, бидејќи предизвикот станува сѐ потежок. За да бидете на врвот во Мото ГП треба да работите многу и напорно, да тренирате секој ден и да водите спортски живот. Но ми се допаѓа сето тоа и јас уште сакам да возам. Разговарав со Јамаха, која се согласи со мене, и оттаму ми рекоа дека доколку нема место за мене во фабричкиот тим, фабричкиот мотор и нивната поддршка ми се загарантирани – вели Роси, чиј партнер во тимот ќе му биде Франко Морбидели.
Следната сезона ќе биде 26-та за Роси, од кои 16-та како возач на Јамаха (од 2004 до 2010 и од 2013 досега).