Руската вакцина „спутник в“ може да биде призната од Светската здравствена организација (СЗО) оваа година, изјави денеска претставничката на СЗО во Русија, Мелита Вујновиќ, за телевизијата „Русија 24“, пренесува ТАСС.
„Десет вакцини се вклучени во списокот на лекови препорачани за итна употреба, што значи дека се користат во итни случаи во јавното здравство, како што е сега во пандемија. Уште 16 кандидати се во мирување, меѓу кои и ‘спутник в’“, објасни Вујновиќ.
Како што наведе таа, за да се најде вакцината на списокот, потребно е да се состават потребните пакет-документи.
„Тоа не се само документи за ефикасноста на вакцината или напис во магазинот ‘Лансет’, тоа е комплетен севкупен технички документ на апликацијата за регистрација на лекот во СЗО, која вклучува пет големи модули“, рече претставникот на СЗО.
Таа нагласи и дека сѐ оди според планот и дека се надева оти овие планови ќе овозможат завршување на процесот оваа година.
Вујновиќ додаде дека од сите руски вакцини, само „спутник в“ поднел барање за регистрација, јави ТАСС.