September 23, 2019 07:32
Култура

Бугарскиот пијанист Димчо Величков вечер на „Охридско лето”

Музичката програма на „Охридско лето” продолжува со вечерашниот концерт на бугарскиот пијанист Димчо Величков.

Димчо Величков е роден во 1987 година во Стара Загора – Бугарија во семејство на музичари. Започнува да свири пијано на шестгодишна возраст, а само една година подоцна започнува да учи во класата на неговиот татко во музичкото училиште во родниот град. На девет години ја добива наградата „Млади надежи ” на IV Интернационален натпревар „Музиката и земјата” во Софија. Во 2002 година настапува во салата „Бугарија”, а една година подоцна е солист со оркестарот на Државната опера во Стара Загора. Во 2005 година ги започнува студиите на Универзитетот за музика и уметности во Виена во класата на проф. Франц Цетл, а дипломира во 2011 година во класата на проф. Маркус Праусе.

Концертно настапува во Бугарија, Полска, Кореја, Русија и Словачка. Во 2013 година на покана на бугарската амбасада и Културниот центар на Бугарија во Москва настапува на прославата на бугарската култура во главниот град на Русија. Димчо Величков настапува солистички, но и како дел од различни камерни состави соработувајќи со Клара Шуман-флејта, Улјана Левит-сопран, Фулвио Бертосо и Ина Петкова-виолончело, Маико Еномото-виолина, Михо Јамамура-пијано. Од 2017 година е ангажиран како професор по пијано на Конзерваториумот „Франц Шуберт” и на приватната музичка школа „Шмид и Цетлман”во Виена.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија” со почеток од 21 часот.

Нови вести

„Златна камера 300″ за француската кинематограферка Хелен Лувар

Igor

На ИФФК „Браќа Манаки” доделена награда за најдобар документарен филм

Igor

50 години Светска галерија на карикатури Скопје 1969-2019

Igor