April 15, 2021 10:51
Балкан

Бугарија побара од Грција да ги прекине тестовите на возачите на камиони на нејзината граница

По упатство на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, амбасадорот на земјата во Грција Валентин Порјазов побара итно објаснување од грчкото Министерство за надворешни работи, како и од Министерството за цивилна заштита и националната гранична полиција во врска со воведените брзи тестови за возачите на камиони на граничните пунктови со Бугарија, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот амбасадор во Атина побара грчките институции веднаш да престанат со оваа практика, бидејќи е во спротивност со регулативите на ЕУ. Грција ја прифати валидноста на бугарските аргументи и се обврза да го надмине проблемот.

Како што е посочено, поради заострување на мерките за влез во Грција со ПЦР-тестови за возачи на меѓународни камиони од 22 до 7 часот наутро, доаѓа до загуби и казни и значително се забавува распоредот на бугарскиот транспортен бизнис.

Потпретседателот на Сојузот на бугарски транспортни работници Веселин Дангов смета дека тоа е дискриминаторски однос кон превозниците.

Според бугарските превозници, ова е уште едно кршење на европскиот договор за зелени транспортни коридори од страна на Грција, поради што Дангов предупреди дека движењето на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција, Кулата – Промахон, од бугарскиот дел, може да биде блокирано.