Со мојот бугарски колега Кирил Петков денеска се договоривме Бугарија да го прифати краткото име на земјава Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија, истакна македонскиот премиер Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со премиерот на Бугарија во Скопје.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, откри дека со македонскиот колега Ковачевски паднал договор за воведување директна авионска линија Скопје-Софија во следните 60 дена.
–На денешната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков се договоривме Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до Обединетите нации со која се потврдува дека краткото и долгото име на државата се подеднакво валидни. Вчера го следев интервјуто на Петков и забележав дека бугарскиот премиер постојано се трудеше да го користи долгото име на државата, но сега ќе може слободно да го користи и краткото име. Освен тоа, со господинот Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме позитивната енергија и дека ќе ги унапредиме односите помеѓу двете земји, рече Ковачевски.
Тој додаде дека на 25 јануари ќе се одржи заедничка седница на двете влади и ќе се формираат работни групи кои ќе работат на соработката и на градење односи кои ќе значат посперитетна иднина.
– На 25 јануари ќе одржиме задничка седница на двете влади, ќе се формираат работни групи кои ќе работат на соработката и на градење односи кои ќе значат посперитетна иднина. Очекувам наскоро да се реализираат иницијативите што ги најави Петков. Следно е да го дефинираме и отворањето на граничниот премин Клепало, бидејќи на тој начин ќе се зголеми потеницијалот за туризам, а со тоа и врските помеѓу двата народа,рече Ковачевски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека е задоволен од исходот на првата средба со македонскиот премиер.
– Важно е да се работи и да бидеме во постојана комуникација. Во нашиот Договор за добрососедство има јасна дефиниција во однос на јазикот и тука треба да кажеме дека Бугарија е многу горда поради тоа што е првата земја што ја призна независноста на Северна Македонија, рече Ковачевски.
На крајот на прес-конференцијата, тимот на бугарскиот премиер му подари „здраво червено јаболко“ на Ковачевски.