November 24, 2020 01:38
Магазин

„Бубалицата” Џим Парсонс прележал Ковид-19

Глумецот Џим Парсонс, можеби најпознат по улогата на Шелдон во хумористичната серија „Бубалици” (The Big Bang Theory), во интернет-емисијата на Џими Фелон, откри дека прележал Ковид-19.

Парсонс и неговиот сопруг, продуцентот Тод Спивак заболеле од коронавирусот во март.

– Тод и јас обајцата го фативме (вирусот). Некаде кон средината на март… Прво не знаевме што е тоа. Мислевме дека се работи за настинка, но сѐ помалку личеше на тоа и, на крај го изгубивме чувството за мирис и вкус… Така што, кога имаш Ковид, јадеш сѐ, но не можеш да го вкусиш тоа што го јадеш, раскажува Џим.

Потоа додава како во карантинот му било здодевно, па земал интернет-часови по сликање и креативно пишување. Во еден миг, си ја бојадисал косата руса.

Џим натаму вели дека преку неговиот лик Шелдон, инаку решителен борец против бактериите, бил подготвен за сѐ тоа. Тој и неговиот сопруг денес се целосно оздравени.

Следниот фим каде што Парсонс глуми, е ЛГБТ драмата „The Boys in the Band” на Рајан Марфи, чијашто премиера е утре.