Свет

БСЖ вакцината – алатка против Ковид 19?

Истражувачи утврдиле дека земјите без политика за БСЖ вакцинирање се потешко погодени од Ковид 19. Клинички истражувања ќе потврдат дали старата вакцина ќе помогне и против новиот вирус.

Истражувачи од Њујоршкиот институт за технологија (NYIT) спровеле истражување во кое ги споредуваат бројките на заболени и починати од Ковид-19 во различни земји низ светот, во зависност од тоа дали во тие земји населениетобило третирано со БСЖ вакцина против туберкулоза.

„Откривме дека земјите без општа политика за БСЖ вакцината (Италија, Холандија, САД) се посериозно погодени во споредба со земјите со општа и долгогодишна политика на БСЖ-вакцинирање“, се вели во студијатаспроведена од истражувачите од Њујоршкиот институт

Тимот, во кој според бугарски медиуми учестува и Бугарката Виолета Руменова, ги споредил податоците за употреба на БСЖ вакцината во 180 земји, со податоците за заболеност и смртност од Ковид 19 во нив.

Во студијата се вели дека има значајна корелација помеѓу годината на воспоставувањето на универзалната БСЖ вакцинација и стапката на морталитет од Ковид 19. Односно, колку порано била применета вакцината, толку повеќе е заштитен поголемиот дел од возрасната популација кој ја примил вакцината. Доколку и клиничките истражувања го потврдат ова, БСЖ вакцината може да биде потенцијално оружје во борбата против коронавирусот.

Потешко погодени се земји без политика за БСЖ -вакцинирање

Шефот на истражувачкиот тим, Гонзало Отазу во разговор за бугарскиот „Вести.бг“ ја опишува утврдената врска помеѓу стапката на смртност од Ковид-19 и политиките за БСЖ вакцинирање.

„Откривме дека земјите кои не воспоставиле политика за БСЖ вакцинирање се потешко погодени од Ковид 19. Откривме и дека колку поодамна и подолго се користела вакцината, толку е поголемо намалувањето на смртноста, соодветно и заштитниот ефект врз повозрасната популација, која е потешко засегната од Ковид-19“, вели д-р Отазу.

Преземено од dw.com