December 3, 2022 09:55
Свет

Британец заробен од Руси: Ме измачуваа и со музика

Шон Пинер (48), еден од британските затвореници во Украина, откри како Русите го принудувале постојано да ги слуша АББА и Шер. Пинер зборуваше за „Сан“ за тоа како бил принуден да слуша музика 24 часа на ден и како Русите го боделе и мачеле со електрошокови.

За време на затворот бил принуден да го слуша саундтракот на филмот Mamma Mia, а јадел само леб и пиел нечиста вода.

Пинер и британскиот борец Ејден Аслин беа осудени на смрт во јуни и беа преместени во ново сместување, каде што продолжила тортурата со музика.

„Условите беа подобри, но тие сепак пуштаа музика – а овој пат тоа беше Believe од Шер. Имаше црни денови, плачев многу. Но, се надевав и преживеав”, изјави Пинер.

Пинер беше дел од групата од 10 странски затвореници ослободени откако Саудиска Арабија посредуваше за таен договор меѓу Русија и Украина.

„Мислев дека ќе умрам. Тоа беше пекол на земјата. Изминатите шест месеци беа најлошите денови во мојот живот. Никогаш повеќе не сакам да слушам песна на АББА или да видам векна леб. Многу сум среќен што сум дома“, вели Британецот.

Британецот Аслин (28) зборуваше и за тоа како бил тепан, прободен и принуден да слуша советски песни во мала ќелија 24 часа на ден.

„Никогаш не мислев дека ќе излезам жив“, рече тој.

Аслин, по потекло од Њуарк, им се придружи на украинските маринци во 2018 година. Неговиот баталјон се предаде за време на опсадата на Мариупол во април, откако остана без храна и муниција.

Тој беше одведен во самопрогласената Народна Република Доњецк, каде што бил претепан за време на испрашувањето пред силите поддржани од Русија да го објават неговото апсење на светот.

„Полицаецот пушеше цигара и клекна пред мене за да ме праша: Знаеш ли кој сум јас? Реков ‘не’, а тој на руски ми одговори: ‘Јас сум твојата смрт’. Ме праша дали сум видел што ми направил на грбот. Потоа го покажа ножот и потоа сфатив дека ме избодел. Ме праша дали сакам брза или убава смрт. Му реков на руски дека јас сакам брза смрт. Тој се насмевна и ми рече: ‘Не, ќе доживееш убава смрт… Ќе се погрижам тоа да биде убава смрт’“, раскажува младиот Британец.