January 30, 2023 02:34
Економија Македонија

Брегу: Крајната цел е роамингот со ЕУ да биде приближно како роамингот дома

Цените на роамингот ќе паѓаат заедно со паѓањето на лисјата следната есен, но тоа е само почеток на процесот. Крајната цел е намалувањето на цените на роамингот помеѓу ЕУ и Регионот на приближно исто ниво со домашните цени, изјави Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) на Самитот во Тирана, по потпишувањето на Декларацијата помеѓу телеком операторите од Западен Балкан и ЕУ.

– Преговорите за постигнување на спогодба никогаш не се лесни. Некогаш се вистинска борба. Оваа Декларација е резултат на силен ангажман на телеком операторите од ЕУ и Регионот со подршка на Европската комисија и на РСС, како и со помош на посветеноста на властите од Западен Балкан, изјави Брегу, се вели во соопштението од РСС.

Брегу, исто така, ги повика и телеком операторите кои денеска не присуствувале, да се приклучат на процесот во секое време.

Како што соопшти РСС, тоа практично значи дека секој телеком оператор од ЕУ и од регионот кои се потписници на Декларацијата ќе ги разгледаат тарифните планови и можностите за помали малопродажни цени за своите корисници во роаминг во другите мобилни мрежи, додека првото значително намалување на цените на услугите на пренос на податоци во роаминг ќе стапат во сила од први октомври 2023 година. Важно е, креаторите на политиките на Западен Балкан да ги забрзаат реформите на политиките за телеком секторите во согласност со заклучоците од Дигиталниот самит на Западен Балкан 2022 година, а со цел создавање на Заеднички регионален пазар и поттикнување на деловното опкружување. Државите од Западен Балкан овие реформи треба да ги спроведат најдоцна до крајот на 2023 година.

Ползата, се вели во соопштението, од Декларацијата со која започна денешниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиран е многукратна, ќе дојде до заштеда на пари на граѓаните во целиот регион и во ЕУ додека патуваат низ Регионот или низ Унијата, а ќе се намалат и оперативните трошоци на стопанствениците и ќе се поттикне работењето надвор од матичните граници.

Укинувањето на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан што беше постигнато лани на 1-ви јули после двегодишните преговори со посредство на РСС, доведоа до зголемување на бројот на корисници на роаминг за 100 проценти. Во втората половина на 2021 година бројот на минути во појдовни повици бил зголемен за 237 посто, во дојдовните повици за 173 посто, а обемот на пренос на податоци бил зголемен за 459 посто.