February 17, 2019 11:27
Скопје

Бојкотот во Хемиско, Шилегов останува на одлуката за директор Албанец

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека не е нарушен образовниот процес со тоа што вчера за нов в.д. директор на средното хемиско-технолошко училиште  „Марија Склодовска-Кири” назначил Албанец, што денеска  предизвика бојкот на наставата од професори и ученици од македонските паралелки. Тие претпладнето дојдоа на училиште, но не одржуваат часови, најавувајќи дека бојкотот ќе го продолжат и во наредните денови.

Незадоволни се од тоа што одлуката била донесена без одобрение од Училишниот одбор и најава, а револтирани се од тоа што по именувањето на в.д. директорот на социјалните мрежи, наводно, се појавиле коментари: „победивме, го зедовме Хемиско”. Професорите се плашат дека поради новиот директор, ќе се запишуваат помал број ученици Македонци и ќе се намалат паралелките на македонски јазик.

-Ние не сакаме директорот да биде Албанец, бидејќи имавме лошо искуство пред неколку години. Гимназиските паралелки кои ги отворивме ги изгубивме, 3-4 години веќе како не се запишуваат ученици во овие паралелки, велат професори од училиштето.

Шилегов појасни дека според законот,  кога треба да се донесе решение за именување директор се консултира училишниот одбор, а за в.д. директор, како што рече, Град Скопје нема обврска да го консултира одборот.

-Вчера именував в.д. директор кој ги исполнува сите законски услови, без разлика на етничката припадност. Мислам дека нема простор за револт, ниту за каков било триумфализам.  Политиката не смее да влезе во училиштата и јас како градоначалник тоа нема да го дозволам.Тоа не дава право никому, особено не на наставниот кадар, да изразува револт на таков начин. Повикувам да ги нормализираат односите и процесот на образование, бидејќи не ни е потребно преземање и правење ситуација онаму каде што навистина нема простор, рече Шилегов.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека не е информиран детаљно, но нагласи дека во образованието не треба да се креираат тензии и поделби.

-Треба да сме заинтересирани за квалитетот на образовниот процес. Не ни треба ниту триумфализам, освен посветеност за реализација на квалитетен образовен процес. Ако има протсор за каква била одговорност, ќе ја побарам. Но бидејќи не сум во детали информиран, можеби е потребна средба со наставниците и со сите засегнати страни во овој случај, рече Адеми, додавајќи дека не добил барање од училишниот одбор од каде што барање за средба пратиле и во Владата и во Град Скопје.

Назначениот в.д. директор е од професорскиот кадар од наставата на албански јазик во училиштето, во кое од прва до четврта година има вкупно 28 паралелки на македонски наставен јазик.

Related posts

Неколку стотици граѓани од попладнево протестираат пред Мајчин дом во Аеродром

24news

Домот на културата во Ченто дувло на зависници и бездомници

Igor

По „Орце Николов“, во планот на Општина Центар за 2019, реконструкција на повеќе од 15 улици

Ivona