December 3, 2022 09:52
Свет

Борн: Франција ќе следи како во Италија се почитуваат човековите права, особено правото на абортус

Франција ќе ја „следи усогласеноста” на човековите права и особено на правото на абортус во Италија по победата на ултрадесничарската партија „Браќата на Италија” на Џорџа Мелони на вчерашните парламентарни избори, изјави француската премиерка Елизабет Борн.

„Сосема е очигледно дека, ние (заедно со) претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), ќе го следиме почитувањето на вредностите поврзани со човековите права, особено по однос почитувањето на правото на абортус”, изјави Борн.

По најавата на самата Мелони дека ќе биде идната премиерка на Италија, Борн со забелешка дека „не треба да се прескокнуваат процедурите”, потсетувајќи дека мандатот за премиерската функција го доделува Претседателот на Републиката, (Серџо Матарела).

И други француски политичари ја коментираа победата на „Браќата на Италија” на вчерашните избори.

Лидерот на центристичката партија „Демократско движење” Франсоа Бајру смета дека меѓу народите во Европа постои голема вознемиреност, на што треба да се одговори.

Екстремно десничарските групации во Франција и честитаа на Мелони за нејзиниот успех. Марин Ле Пен од „Националното собрание” изјави дека италијанскиот народ одлучил да ја земе својата судбина во свои раце и им честиташе на Џорџа Мелони и на Матео Салвини што „се спротивставиле на заканите на антидемократската и арогантна Европска унија”.

Внуката на Ле Пен, Марион Марешал, која е дел од екстремно десничарското движење на популистот Ерик Земур, повика на формирање десничарска коалиција по примерот на оние во Италија и во Шведска.