October 22, 2020 07:59
Балкан

Борисов протера руски дипломати: „Некои работи се недозволиви на бугарска територија“

Бугарските разузнавачки служби и јавното обвинителство собраа доволно податоци за да ги обвинат руските дипломати за шпионажа, соопшто бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Тој посочи дека постојат одредени работи што се недозволиви на територијата на Бугарија и дека секој што ќе се обиде да се занимава со шпионажа ќе биде темелно истражен и протеран, пренесува агенцијата „Тасс“.

Вчера бугарското Министерство за надворешни работи им даде 72 часа на двајца руски дипломати да ја напуштат земјата, откако обвинителите ги обвинија дека биле вклучени во шпионажа од 2016 година.

Претходно, обвинителството објави дека руските дипломати од 2016 година барале доверливи информации за плановите за модернизација на армијата и одржувањето на воената опрема.

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека одлуката на Бугарија да протера двајца вработени во економскиот и трговскиот оддел на руската амбасада во Софија ќе ја наруши билатералната соработка.

Во соопштението се наведува и дека понатаму ќе бидат објавени мерките со кои Москва ќе одговори на овој потег на Софија.