November 27, 2020 18:42
Свет

Борел: Неприфатливи се зборовите на Ердоган кон Макрон

Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел денеска ги осуди како „неприфатливи“ изјавите на турскиот претседател упатени до неговиот француски колега и ја повика Анкара да ја разбие „таа опасна спирала на конфронтација“.

„Зборовите на претседателот Реџеп Таип Ердоган до претседателот Емануел Макрон се неприфатливи. Повик до Турција да стави крај на оваа опасна спирала на конфронтација”, напиша Борел во пораката на Твитер.

Париз во саботата ги осуди зборовите на турскиот претседател Ердоган, кој го доведе во прашање „менталното здравје“ на неговиот француски колега во врска со изјавата за карикатурите на пророкот Мухамед.

„Зборовите на претседателот Ердоган се неприфатливи. Навредите и грубоста не се начинот. Бараме Ердоган да го смени својот политички правец затоа што неговата политика е опасна во секоја смисла. Не влегуваме во непотребни полемики и не прифаќаме навреди“, прокоментира Елисејската палата во саботата.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан во денешната изјава рече дека недостатокот на каква било официјална осуда или изразување солидарност од страна на турските власти по атентатот врз професор во Франција пред неколку дена, беше проследен со пропаганда на омраза и клевета кон Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека исламот е во глобална криза, по што тој претстави нацрт-предлози за нов закон што ќе им овозможи на француските безбедносни сили поцелосно да ги следат муслиманските здруженија и џамиите во Франција, како и образованието на имамите.