December 4, 2022 19:20
Свет

Борел: Загрижени сме поради унилатералните одлуки на Израел

На денешниот 12-ти Совет за асоцијација меѓу Израел и ЕУ, високиот претставник за надворешни работи порача дека потребна е соработка со Тел Авив и ја пренесе загриженоста на ЕУ во однос на насилното населување на палестинска територија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Советот за асоцијација помеѓу ЕУ и Израел е замрзнат веќе десет години, но оваа година за прв пат се одржува во контекст на заострени тензии на глобалната сцена поради руската агресија врз Украина.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, на денешниот состанок порача дека сепак е важно да се одржи овој Совет после десет години и дека е подобро да се има отворени канали на дијалог за спорните прашања, во случајов прекршувањето на меѓународното право од страна на Израел.

Борел му се заблагодари на израелскиот премиер, Јаир Лапид, за поддршката на неговата земја во гласањата против Русија во Обединетите Нации, и истакна дека е важно да се рестартира платформата на Советот за асоцијација за да може отворено да се разговара за теми од заеднички интерес. На регионално ниво, тоа е мировниот процес на Блискиот Исток и безбедноста во целиот регион.

На меѓународно ниво најважна тема е Украина, потсети Борел.

-На меѓународната сцена треба да работиме заедно да се справиме со глобалните предизвици и бруталната агресија на Русија врз Украина. Денеска соработката меѓу демократиите е поклучна од било кога, рече првиот дипломат на ЕУ.

Сепак, на почетокот на состанокот, Борел се осврна и на точките на несогласување меѓу двете страни. Главна тема тука се нелегалните населувања од страна на Израел врз палестинските територии, спротивно на меѓународното право.

-Оваа година е година во која имаше највисок број на палестински смрти од 2007, а насилните преселувања продолжуваат, изјави Борел пред израелскиот премиер, кој беше присутен виртуелно.

Борел порача дека ова е тема за која мора да се дискутира.

-Најдобар начин да се бараат решенија е да се има искрена и отворена дискусија меѓу нас, изјави Борел.