December 10, 2022 06:30
Македонија

Бомгартнер: Францускиот јазик е предност за младите во Македонија и за нивната професионална иднина

Францускиот јазик е предност за младите во Северна Македонија, и за нивната професионална иднина, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер во своето обраќање на отворањето на Летниот регионален онлајн универзитет 2021, во организација на Францускиот институт во Скопје.

-Да се предава францускиот јазик претставува постојан труд за професорите кои го имаат тоа како задача, бидејќи самата професија станува сè посложена, барајќи, од една страна, да се почитуваат официјалните програми, а од друга да се привлече вниманието на денешните млади, истакна францускиот амбасадор.

Бомгартнер додаде дека Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција ќе продолжат да им бидат постојана поддршка на професорите по француски јазик во овој процес.

По отворањето на Летниот универзитет, следеше предавањето на почесниот професор на Факултетот за педагошки науки и педагошки советник при Универзитетот во Лувен, Франција, „Обратни улоги за време на часовите, педагошки тренд или вовед во школо на иднината?”, во кое говореше за обратните улоги во текот на часовите, како и за новите текови во изучувањето на јазиците.
Обуката во рамки на Летниот универзитет ќе трае до 25 јуни.

Летен регионален онлајн универзитет се одржува во духот на традиционалниот универзитет во Струга, педагошка обука која повеќе од 20 години обединува професори по француски јазик од повеќе земји во регионот.

Во рамките на својата програма Летниот универзитет организира педагошки работилници наменети за професорите по и на француски јазик од земјава и од регионот Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Хрватска. Обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.

Со цел збогатување на програмата, проширување на професионалните хоризонти и следење на актуелните случувања, предвидени се и следните активности – промоција на педагошки новитети од страна на претставници на француски издавачки куќи, промоција на дидактички материјал за Европската Унија за учениците кои го изучуваат францускиот јазик, презентација на проектот за рано изучување на францускиот јазик и емисија за еден од најголемите писатели во француската книжевност, Гистав Флобер, чија 200-годишнина од раѓањето се одбележува токму годинава.

Работен јазик на универзитетот е француски.

Основнатата цел на оваа педагошка средба е да се зголеми визибилитетот на францускиот јазик, да се зајакне неговото место во образовните системи во земјите на присутните учесници, но и да се создаде вистинска кохезија и професионална размена на искуства меѓу професорите од Југоисточна Европа.