December 1, 2020 21:30
Македонија

Боки 13 оди во домашен притвор

Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 за предметот „Рекет“, со што ја укина мерката притвор и определи мерка куќен притвор.

„Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави решение КОКЖ – 68/20 со кое жалбата на обвинетиот Б. Ј., осуден со првостепена пресуда по предметот КОК бр. 116/19, во јавноста познат како ‘Рекет’, изјавена преку неговиот бранител, се уважува.

Решението на првостепениот суд се преиначува на начин што се укинува мерката притвор кон обвинетиот Б. Ј. и се определува мерка куќен притвор“, соопшти Кривичниот суд.

Тој беше 15 месеци во затворот во Шуто Оризари.

За разлика од Јовановски, екс специјалната обвинителка, Катица Јанев е во домашен притвор уште додека траеше судскиот процес. Зоран Милевски Кичеец, пак, пред една ндела самиот се пријавил во затворот во Струга за издржување на затворската казна за „Рекет“.

Тој неодамна доби упатен акт со денешен датум, по што утринава самиот пристигнал во затворот.

На осудениот му останаа за издржување помалку од три години, бидејќи околу 8 месеци беше во притвор (прво во затворот „Скопје“, а потоа во домашен), период кој влегува во пресметувањето на казната.