June 27, 2022 16:18
Македонија

Богоев: СДСМ покажа дека има план како да им помогне на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ како да им одмогне

Потпретседателот на СДСМ и поранашен градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев во интервју за 24 Инфо ги анализира тековните политички случувања во земјава, но и тековното работење на актуелната градоначалничка Данела Арсовска.

Тој смета дека СДСМ има план, има капацитет и знаење за справување со предизвиците кои се пред сите нас, а неработење, партизација и непродуктивно трошење на парите на граѓаните се одлика на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во првите месеци од нивниот мандат

Македонската економија се наоѓа во една сериозна, тешка ситуација предизвикана од глобалните случувања со агресијата врз Украина, а слушаме и најави дека во следните месеци, особено во зима, ќе биде уште потешко. Обединетите нации предупредија и на година во која многу луѓе ќе имаат потешкотии со обезбедување основни работи, како на пример храната. Што презема Владата предводена од СДСМ, дали има план за справување со предизвиците?

Да, СДСМ има план, има капацитет и знаење за справување со предизвиците кои се пред сите нас, пред граѓаните, пред државата. Имаме план како да заштедиме средства од буџетот, како да обезбедиме средства, да нема сериозни удари врз граѓаните и недостатоци во снабдувањето. Имаме план за заштита на стандардот и, можеби најважното, СДСМ има Национален план за храна. Со интервентниот план и со Националниот план за храна, ги поддржуваме земјоделците, ги зголемуваме површините и производството за да обезбедиме доволно храна. Тоа се клучните 5 столбови на кои се потпираат нашите политики во наредните 2 години.
Тоа се покажа и во изминатите неколку месеци со изборот на новата Влада предводена од СДСМ и јас би рекол тоа е наша одлика, наш препознатлив имиџ. Кога велиме одговорна, сериозна и државничка политичка опција на тоа мислиме.
Точно е дека ние, Европа, па и целиот свет се соочуваме со сериозни предизвици, живееме во време на најголема економска и енергетска криза по Втората светска војна.
Во такви едни услови не се чекаше, Владата предводена од СДСМ веднаш, навремено презеде серија на ефикасни мерки и решенија да се ублажат значително последиците од кризата и да се заштити стандардот на граѓаните. Уште на почетокот на месец март Владата донесе сет од 26 антикризни мерки вредни 400 милиони евра. Овие мерки дадоа резултат. Не само што немаме никаков недостаток од ништо, туку имаме сериозна поддршка на семејниот буџет на граѓаните и поддршка на најранливите. Благодарение на само неколку од овие мерки, секое семејство денес во просек заштедува 4.000 денари. Државата ја субвенционира струјата и имаме речиси најниска цена на струја во регионот. Со мерките просечно семејство заштедува околу 2.100 денари месечно за струја, односно да не ба овие мерки секој ќе требаше да плаќа плус 2.000 денари. Околу 1.500 денари се заштедуваат заради укинувањето на ДДВ за основните продукти, месечни заштеди има и од трошоците за гориво за кое се намалени акцизите и ДДВ.

Но истовремено важно е да се напомене дека минималната палта денес е 18.000 денари што за 2.800 денари повисока во однос на март, месецот кога започнаа првите негативни економски последици од агресијата врз Украина. Во споредба со едно друго време на споменици и барок, минималната плата е зголемена двојно, од 8.900 денари на 18.000 денари.
Зошто ги споменувам спомениците? За да направиме разлика помеѓу одговорноста сега и неодговорноста тогаш. Замислете тие 700 милиони евра кои се потрошија на споменици, фасади, жални врби, барок, вештачки плажи, да се инвестираа во училишта, градинки, болници или фото напонски централи на пример? Колку денеска ќе беше полесно справувањето со кризата тогаш некој да мислеше на иднината а не на криминално богатење на џебовите во Белиот дворец?
Знам дека тоа време е завршено, знам дека сме сведоци како тој криминал се уште се влече по македонските судови, но не смееме да заборавиме какви последици носат погрешните одлуки и погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Тука е огромната разлика помеѓу одговорноста на СДСМ и неодговорноста на политичкиот противник.
Моментално се соочуваме со увезена инфлација, недостиг на енергенси, затворени пазари но СДСМ покажа дека има план како да им помогне на граѓаните и прави се за тоа да успее. Но, исто така гледаме и дека ВМРО-ДПМНЕ има план како да им одмогне и на граѓаните и на државата. Среде најголема економска и енергетска криза.
Гледаме дека инфлацијата дури и во една Германија, нашиот најголем трговски партнер, полека се доближува до двоцифрена стапка, гледаме дека секаде во Европа не само што цените растат туку се јавува и недостиг на некои продукти. Обединетите нации прогнозираат дека 73 милиони луѓе ќе бидат изложени на недостаток на храна, на глад.
И што решава ВМРО-ДПМНЕ да прави? Да блокира закони во Собранието, да одмага, наместо да помага, да прави штета, наместо да подаде рака.
Како и да е, Владата има капацитет, има знаење да одговори на следните предизвици. Еден од тие чекори за навреме да се подготвиме за зимата е секако и ребалансот на Буџетот, со кој првично се предвидува кратење на 100 милиони евра од непродуктивни трошоци, пари кои ќе се искористат за нови мерки.
Но паралелно инвестираме и во енергетиката и во земјоделството за да ја намалиме и во иднина и исклучиме зависноста од увоз на електрична енергија и храна.
Периодот пред нас е тежок, но ние сме подготвени, мотивирани и ќе најдеме решенија за надминување на сите последици. Граѓаните може да бидат сигурни, СДСМ покажа и во минатото и сега, со СДСМ, заедно ќе успееме да се справиме со сите предизвици и полесно да ги надминеме.

Владата успеа да се договори со Синдикатот за образование, наука и култура за раст на платите од 15 отсто. Попушти ли Владата на притисокот на Синдикатот и дали покрај образованието може да се очекува раст на платите и во другите сектори?

СДСМ во овие пет години докажа дека само отворениот, инклузивен дијалог со засегнатите страни е клучот за решение за сите отворени прашања и проблеми. Така што овде не станува збор за попуштање или непопуштање, туку за изнаоѓање решение кое е прифатливо за сите страни.
15 отсто зголемување на платите во образованието е рекордно зголемување. Претходно владата предводена од СДСМ во три наврати платите во образованието ги зголеми за 21 отсто, со што со ова последно зголемување, во септември платите во образованието ќе бидат поголеми за 36 отсто споредени со месец септември 2017 година.
Веќе се постигна договор и со Министерството за труд и социјална политика за дефинирање на исплатата на платите за вработените во градинките.
Истовремено, се отвора процес за усвојување на нова методологија за континуиран раст на платите секоја година, без тоа да зависи од нечија политичка волја, без да има потреба од протести и штрајкови. Со растот на минималната плата ќе следува усогласување на платите во сите сектори, во период дефиниран со Законот за минималната плата односно најдоцна до месец септември.
Со гордост можам да кажам дека СДСМ го вреднува трудот на сите работници и се грижи за подобар стандард. Еве деновиве излезе и последниот податок за нов раст на просечната плата која достигна рекордни 31.080 денари. Во време на криза СДСМ успеа да исполни едно од своите клучни ветувања за просечна плата од 500 евра.
Значително повисоки плати денес добиваат вработените и во здравството, во културата, во одбраната и полицијата и тој раст, тоа усогласување на платите ќе продолжи и во иднина.
СДСМ вложува во човекот, тоа е социјалдемократска вредност и придобивка.

Ја споменавте опозицијата и таканаречена активна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ најави и протест за 18 јуни. Зошто власта и опозицијата тешко им оди седнувањето на заедничка маса?

Затоа што политичкото делување на ВМРО-ДПМНЕ е поставено на погрешна основа, без идеја, без компас и затоа што Мицкоски е прилично уплашен за сопствената политичка судбина и тоа по неколку основи. Јас ова го коментирав во јавноста со неколку клучни точки. Неспособноста на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со внатрешни поделби во самата партија и зајакнување на структури кои сакаат различен начин на водење на партијата. Тоа е внатрешна работа на ВМРО-ДПМНЕ но неодговорно е што поради внатрешни проблеми и фотелјата на Мицкоски се брани со обиди за блокади на државата во време на криза.
Уцените и условувањата за да се седне на маса со еднинствено барање избори се токму тоа.
Таквото нивно однесување не е ништо ново. Дури и кога целото наше општество беше загрозено од пандемијата со коронавирусот, од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски гледавме само блокади, деструкции и лажни вести. Не застанаа на иста страна дури и кога се реализираше стратешката цел – приемот во НАТО, а не се на вистинската страна и сега кога и ние како и целиот континент се соочуваме со најголемата економска криза по Втората Светска војна.
17.000 тутунари се уште не можат да земат субвенции заради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ на Собранието. Поради таквите блокади во сред енергетска криза стопирани се 25 милиони евра за фотонапонски централи со моќност до 30 киловати.
Можете да замислите до кој степен е дојдена таа деструктивност што малку ви е тоа што две години кочите се што е во интерес на граѓаните, па згора на се најавувате и засилени блокади и протести.
Но за среќа, таа блокада на ВМРО-ДПМНЕ на Собранието издиша, не успеа. Собранието изгуби неколку денови за да усвои дневен ред но сепак продолжи со работа. СДСМ, заедно со граѓаните, заедно со парламентарното мнозинство однови ќе ги порази блокадите на ВМРО-ДПМНЕ како што тоа го правеше многу пати досега. И со и без придонес на опозицијата, потребните закони ќе бидат донесени.

Дали е можно кревање на рампата од Бугарија на јунскиот Самит на ЕУ?

Ние нашето го направивме, ги исполнивме сите услови за почеток на преговори, тоа го констаираше и самата ЕУ, така да останува да се надеваме дека разумот ќе надвладее и рампата ќе биде крената. Го заслужуваме тоа. Не само Бугарија туку и ЕУ треба да ни го испорача тоа што го заслужуваме. Да го направи чекорот и да ја исправи оваа неправда, што е особено важно во актуелните геополитички односи и стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Изминаа повеќе од шест месеци од мандатите на градоначалниците. Колку вие во СДСМ сте задоволни од вашите градоначалници? Како ја оценувате работата на градоначалниците од другите политички партии?

Половина година измина и може веќе кредибилно да се коментира работата на градоначалниците.
Две константи може да видиме. Градоначалниците од СДСМ како и во претходниот мандат, така и во овој мандат работат исклучиво за интересите на граѓаните.
Нови улици, канализации и водоводи, реконструкции на градинки, училишта и детски игралишта, гледаме дека се реализираат низ Струмица, Крушево, Центар, Валандово, Старо Нагоричане…
Тоа е одговорен, домаќински пристап на локалните администрации предводени од СДСМ.
Од друга страна, во општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ гледаме целосен застој, стагнација и речиси и да нема некој реализиран крупен проект кој бил ветен пред граѓаните. Во бројни општини градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ едвај може да кажат нешто ама за проекти од нивните претходници од СДСМ.
Неработење, партизација и непродуктивно трошење на парите на граѓаните се одлика на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во првите месеци од нивниот мандат.
Во тоа, најмногу се издвојува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која речиси и да нема ден а на дело да не ја покаже својата неспособност.
Огромен број на наследени проекти не се работат, меѓу нив се мостовите на Љубљанска и на булевар АСНОМ, улиците Есенинова и Васко Карангелевски, нема бесплатен автобуски превоз, до пред некој ден немаше ниту приватен превоз, а готов проект со обезбедни средства како Бас рапид транзит е прекинат заради личните каприци на Арсовска.
Да не одиме подалеку, доволно е тоа што гледаме дека таа не може да набави ниту печатачи за градската администрација, па оттука и не можеме да очекуваме Арсовска ќе реализира било каков капитален проект за граѓаните. Освен нели споменикот на Ќосето што бил пронајден, ако тоа е воопшто за споменување. Значи од кадрите на Мицкоски толку видоа граѓаните, односно не видоа ништо.
На пример што да кажат граѓаните кога ќе видат дека спротивно на Законот бил избран генерален секретар на Град Скопје, кој пак истовремено бил и советник на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир? Се знае што треба, оставка, и тоа оставка веднаш. Не треба да се чека Државна комисија за спречување корупција, треба да се понесе одговорност.
Сето тоа покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, дека како и за време на 11 годишниот режим, тие се грижат единствено за личните и партиските интереси и работат на штета на граѓаните.
Граѓаните се разочарани од нив, тоа го знае и Мицкоски и затоа ја малтретира јавноста со предвремени избори, знае и тој дека довербата во него и неговите градоначалници паѓа секојдневно.

Изминаа повеќе од 6 месеци од локалните избори, се промени раководството во партијата, избравте нов лидер, потпретседатели, секретар. Што се случува во СДСМ на внатрепартиски план? Кој е следниот план на партијата?

СДСМ ги мина процесите на внатрепартиски реформи, комплетирано е новото раководство, општинските раководства се комплетирани и веќе се активни согласно нова, регионална поставеност по плански региони. Имаме нова претседателка на Форумот на жени, следува комплетирање и на СДММ и на Форумот на жени.
Финишира екипирањето на Комисиите на партијата кои се важен дел во процесот на креирање на мерки и политики кои потоа се реализираат на централно и локално ниво.
СДСМ е консолидиран, сплотен и мотивиран да продолжи посветено да работи за граѓаните и државата. Како што реков пред нас е тежок период, но имаме капацитет и волја да создаваме и спроведуваме мерки и политики кои се од интерес на граѓаните, кои ќе значат полесно надминување на последиците од светската економска криза и справување со сите последици.

 

Поврзани вести

Во последните три дена 180 ковид-позитивни, оздравени 153, починати нема

Valentina

Поевтинуваат бензините и дизелот

Valentina

Петков: Брисел ја поддржа бугарската позиција, Скопје сега има избор за својата иднина

Igor

go88 phiên bản cũ quy định rút tiền go88 go88 info play

sunwin bị bắt SUNWIN cổng game Đánh bài Nổ hũ Siêu Đỉnh kéo sunwin