February 2, 2023 21:51
Македонија

Богоев во Сарај: Политиките на СДСМ обезбедуваат подобра иднина, наспроти блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да ја вратат државата назад

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев денеска на трибината „Силно и одлучно кон иднината” што се одржа во општина Сарај порача дека СДСМ успешно се справува со предизвиците од глобалната економска криза, ги помага граѓаните и компаниите и гледа напред, кон иднината.

Во тешки околности, успеавме да ја спасиме македонската економија, со социјалдемократските економски политики сега создаваме услови за нов економски раст и развој, додаде Богоев.

– Кога многумина не веруваа, ние го реализиравме концептот Едно општество за сите и градиме држава на еднакви можности за сите. Го реализираме и концептот Парите кај граѓаните и затоа денеска минималната плата е 18.000 денари или двојно повисока од онаа која беше пред само пет години. Пензиите растат на секои шест месеци и веќе во март следната година ќе има нов раст од околу шест отсто. Она што сега е потребно сите да се обединиме околу европската иднина. СДСМ е подготвена да води и затоа ни треба сечија поддршка, за да ја обезбедиме европската иднина, за младите да ни останат тука, порача Богоев потсетувајќи дека во тек е реализација на антикризни мерки за финансиска помош за околу 200.000 граѓани од ранливите категории.

Тоа, додаде Богоев е сосема различно од блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да ја вратат државата назад.

– Тие блокади на ВМРО-ДПМНЕ, денеска можете буквално да ги видите на крстосниците во Скопје, посочи Богоев.

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Васко Кичевски се осврна на последните случувања во Град Скопје истакнувајќи дека Скопје денес е блокиран град и дека одговорноста за тоа е единствено кај ВМРО-ДПМНЕ.

– Факт е дека Арсовска е градоначалничка од ВМРО-ДПМНЕ, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ го има и претседателот и мнозинството во Советот, директорите и членовите на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија се од ВМРО-ДПМНЕ и оваа партија и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски се одговорни за сиот хаос што му се случува на градот. Кадрите од ВМРО-ДПМНЕ треба да се зафатат со работа за да престанат блокадите на главниот град, порача Кичевски.