August 10, 2022 23:00
Македонија

Богоевски ги доби Ахмети и Џафери на Врховен за“Маџар Телеком”

Врховниот суд пресуди во корист на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, по побарана ревизија од Али Ахмети и Муса Џафери за неговото судење во случајот “Маџар Телеком” објави „Призма“.

Судењето почна во 2017 година. Тогаш Ахмети и Џафери го тужеа Богоевски пред граѓанскиот суд дека ги наклеветил во сведочењето пред Американската комисија за хартии од вредност, во постапка што се водела пред Окружниот суд во Њујорк во 2014.

Богоевски, толкувајќи го потпишаниот Протокол меѓу македонската влада и Маѓар телеком, ги појаснил иницијалите во документот (А.А. и М.Џ.), па рекол дека тоа се функционерите на ДУИ што зеле поткуп од 7,5 милиони евра за да обезбедат гаранција дека на македонскиот пазар нема да влезе друг телекомуникациски оператор.

Незадоволни од одлуката на скопска Апелација, тужителите преку своите адвокати ја обжалиле пресудата до Врховниот суд преку барање за ревизија.

Петтемина врховни судии оцениле дека исказот на Богоевски даден пред американските власти не е клевета и навреда, бидејќи се дадени во официјална судска постапка.

„За дадено мислење во судска постапка, тужениот не може да биде одговорен за клевета и навреда, затоа што таа изјава е дадена пред службени лица“, пишува во пресудата.

Судиите навеле дека и Богоевски немал никаква намера „тенденциозно да се деградираат личностите на тужителите“, а во сведочењето кажувал работи што му биле познати и самиот ги засведочил.

Ахмети и Џафери, на Богоевски, наместо да добијат 2,5 милиони евра, кои ги бараа како надоместок за нематеријална штета, сега треба да му платат околу 500 евра за одговорот на нивното барање за ревизија и судски трошоци.

– Мала победа на правдата но важна за општиот амбиент и за сите останати кои се предмет на вакви неосновани тужења од страна на носители на политички функции, вака гласи првичната реакција на екс шефот на  тајната полиција, Слободан Богоевски.