December 3, 2022 11:12
Свет

Блинкен: Со ракетните тестирања Северна Кореја ризикува поголема изолација

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска предупреди дека Северна Кореја ризикува уште поголема осуда и изолација од меѓународната заедница доколку продолжи со своите провокации, откако вчера истрела балистичка ракета над Јапонија.

– Ако продолжат по овој пат, тоа само ќе ја зголеми осудата, ќе ја зголеми изолацијата, ќе ги зголеми чекорите преземени како одговор на нивните постапки, рече Блинкен на прес-конференција во Чиле.

Северна Кореја вчера наутро истрела балистичка ракета која прелета над територијата на Јапонија, првпат по пет години. Ракетата ја премина јапонската територија и падна во Тихиот Океан.

Тоа беше прв пат од 2017 година проектил да биде истрелан во таа насока, а Јапонија соопшти дека тоа е веројатно најдолгата далечина што поминала севернокорејска ракета, од 4.600 километри.