August 8, 2022 18:43
Балкан

Битката против корупцијата и руското влијание го скроиле паѓањето на владата на Петков

Со 123 гласа „за“ и 116 против падна владата на Кирил Петков во Бугарија. По овој чин во бугарското собрание премиерот во заминување Петков си го отвори срцето пред медиумите во Софија посочувајќи дека неговата негова најголема политичка грешка била што се согласил да соработува со одредени партии кои ги ставаат сопствените интереси пред државните.

-Бојко Борисов (поранешен премиер и лидер на опозицијата) ѝ нареди на целата ГЕРБ да гласа за падот на владата. Тие беа како овци. Не ги ни праша што мислат за тоа. Овие 59 луѓе зависеа од еден кој не ни беше во Парламентот. Кога станува збор за партијата „Има таков народ“, тие зависат од човек кој ѝ се обраќа на јавноста од темнината на својата соба, ќелав и зборува како икона на злото (Слави Трифонов). Ниту еден од луѓето во оваа партија не е слободен да одлучува сам, рече Петков.

За кусиот мандат додека ја предводеше бугарската влада Петков нагласи дека започнале голема борба против корупцијата што многумина ја идентификувале како закана.

-Во овие шест месеци сакавме да се бориме против моделот на корупција изразен преку партии како што се ГЕРБ и Има таков народ и да ги браниме бугарските, а не странските интереси. Мислам дека руското влијание навлезе овде, рече премиерот на Бугарија.

Сепак, тој посочува дека власта направила и неколку грешки во својот мандат.

-Една од нив беше што работевме од утро до вечер, а не комунициравме сè што правевме. Од друга страна, имаше постојана реторика која на бугарскиот народ му даваше чувство дека не работиме добро. Меѓутоа, има една работа во која не погрешивме – во ниту една одлука не отстапивме од принципите и ветувањата што ги дадовме, рече Петков.

На крајот директно ги прозва и лидерите на партијата ГЕРБ и Има таков народ, Бојко Борисов и Слави Трифонов.

-Кога станува збор за Трифонов, тој е историја. Тој никогаш повеќе нема да има можност да направи политички проект, а да лаже толку многу луѓе. Луѓето видоа како неговите зборови се претворија во лаги, и тој едноставно исчезна. Збогум, му порача Петков и го кажа своето мислење и за Борисов:

-Гревовите што сте ги направиле со текот на времето и кражбите што сте ги направиле ќе ве стигнат. Ако денес се чувствувате поудобно поради падот на владата, тоа е привремено чувство. Она што го видов е дека ниту една партија не е подготвена да преговара со вас. Нема да биде фактор.