November 30, 2020 18:03
Економија Македонија

Битиќи: Ќе го отвориме царинскиот тарифник со цел негово усогласување со тарифите на ЕУ

Царинските стапки треба да претрпат промени и со четвртиот пакет мерки ќе го отвориме целосно царинскиот тарифник со цел негово усогласување со тарифите на Европската унија, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

Прашан дали ќе се прифатат барањата на странските инвеститори за намалување на царинските стапки за увоз на компоненти за автомобилската индустрија, вицепремиерот за економски прашања Битиќи, рече дека очекува во брзо време одговор на тоа.

– Веќе имаме и кажавме дека со четвртиот пакет мерки ќе го отвориме целосно целиот царински тарифник. Сакаме, заради предвидливоста која треба да ја понудиме на стопанството, адекавтно да го средиме делот на царинскиот тарфиник, односно да ги усогласиме царинските тарифи со тие на Европската унија, изјави Битиќи.

На предлог на Советот за странски инвеститори и Стопанската комора, посочи тој, имаме на маса едно нивно барање.

– Најверојатно деновиве ќе одлучиме позитивно за носење на автономна мерка, во која што одредени продукти ќе им се намали царинската тарифа на ниво на тие во ЕУ, за одреден временски период, се додека тоа не се реши трајно како проблем, изјави Битиќи.

Прашан дали се планираат и други мерки за помош на странските инвеститори, Битиќи, рече дека се во комуникација со сите стопански комори и оти немаат сегментирани барања.

– Мерките за намалување на царински стапки за одредени продукти е за сите компании кои работат со тие суровни и не е дека се само за германските компании. Гледаме да креираме мерки, кои што се посеопфатни, а не да решаваат одредени поединечни проблеми, изјави Битиќи, посочувајќи дека ако се покаже како потребно може да се преземат одредени интервенции.

Министерот за економија Крешник Бектеши, информира дека  автономните мерки и барањата од Советот на странски инвеститори се добиени во Министерството за економија.

– Одлуката е подготвена од страна на Министерството за економија и пратена до Владата и очекуваме во следниот период да се донесат соодветните одлуки и да се излезе во пресрет на нивните барања. Нашите анализи покажуваат дека нема многу големи фискални импликации, изјави Бектеши.

Нагласи  дека не се зборува само за германски инвеститори, туку за барања од Советот, каде се вклучени и барања од домашните комапнии.