December 2, 2022 11:18
Македонија

Битиќи: Носиме мерки кои што значат помал удар и кон граѓаните и кон стопанството

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во емисијата „24 анализа” на ТВ 24 исткана дека од регистрираните над 71.500 активни стопански субјекти, 70.000 се на регулираниот пазар на електрична енергија, каде државата им ја гаранитра цената и ја снабдува електричната енергија која ја користат.

Во моментот тие што се на регулираниот пазар добиваат 2.5 пати пониска цена на електрична енергија од берзанската цена, нагласи Битиќи.

Тој истакна дека околу 1.600 субјекти се на слободниот пазар и ги исполнуваат условите со тоа што имаат промет над 2 милиони евра.

Тие се на удар на високите цени на електричната енергија и ќе се направат сите напори ним да им се излезе во пресрет, нагласи Битиќи, додавајќи дека секоја една компанија секој еден граѓанин за Владата е битен.

Цената на електричната енергија што се произведува во државата од сите извори изнесува просечно меѓу 70 и 80 евра, а цената за домаќинствата е 48 евра за мегават/час. Разликата од 48 до 80 евра ја покрива државата, истакна Битиќи.

Тој нагласи дека во 2021 година во државата се произведени 3650 гигават часови струја, а потрошувачка била околу 6000, додека годинава со вклучување на сите можни капацитети производството е зголемено за 20-25% на 4056 гигават часови.

Со олдтајмер ова е максимумот што можеме да го постигнеме, нагласи Битиќи, додавајќи дека со децении не се инвестирало во електроенергетски капацитети.

Жалам што поминуваме низ периоди на кризи. Носиме мерки кои што значат помал удар и кон граѓаните и кон стопанството. Дека од оваа криза сите нема да бидеме погодени е илузија. Сите некако ќе бидеме погодени, не е се розево како што некој сака да каже, но не е се црно како што исто така некој сака да покаже, порача потпретседателот на СДСМ Фатми Битиќи.