February 3, 2023 21:28
Магазин

Бигорскиот манастир учествуваше на вториот Меѓународниот фестивал на православна црковна музика во Атина

Со учеството на протопсалтот и хорарх на бигорскиот хор јеромонахот Анатолиј Лазески, Бигорскиот манастир и оваа година беше дел од Меѓународниот фестивал на православна црковна музика што по втор пат се одржува во грчката метропола, јави дописничката на МИА од Атина.

Отец Анатолиј настапи со тешките и комплексни за изведба песнопенија: „Милостите Твои, Господи” од Михаил Ананеот и „Мудреците Персиски” од Петар Филантидис. Со својот прекрасен глас и со длабоките познавања и умешност во источно- православното црковно пеење, како што велат од Бигорски, ги престави во најдобро можно светло.

Фестивалот се одржа во Соборниот храм „Благовештение на Пресвета Богородица” во Атина, во организација на Здружението на псалти од Атика, под претседателство на протопсалтот г. Илијас Редијадис Тумбас, кој и оваа година упати покана до Бигорскиот манастир за учество на фестивалот.

-Ми претставува особена чест што вечерва меѓу нас се наоѓа Епископот Антаниски г. Партениј од Охридската Архиепископија со дел од своето братство. Силно им се заблагодарувам што направија толку голем труд и жртва да допатуваат од нашата соседна земја Северна Македонија, за да учествуваат на овој фестивал и да бидат наши почесни гости, рече Тумбас во неговото обраќање до присутните.

Меѓу гостите во преполнетиот Храм беше и Епископот г. Партениј со дел од братството, а фестивалот покрај бројните свештеници, го следеа и претставникот на грчкиот архиепископ Јеронимос и видни граѓани од политичкиот и општествен живот на грчката престолнина.

Освен отец Анатолиј Лазески на фестивалот учествуваа: хорот на Здружението на псалти од областа на Атика „Свети Роман Слаткопеец и Јован Дамаскин”, хорот на Здружението на псалти од Трикала „Свети Јован Дамаскин”, протопсалтот Артемиј Калиј од Украина, протопсалтот Мелетиј Велчев од Бугарија и Старица Маријам Скорда, една од најдобрите женски псалти во нашево време.

Манастирот Бигорски и лани учествуваше на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика во Атина, што тогаш се одржа по првпат, а воедно беше и прво нивно вакво претставување на официјален настан во грчката престолнина.