December 9, 2022 14:32
Балкан

Беќировиќ и Комшиќ убедливо водат во трката за членови на Претседателството на БиХ

Во Босна и Херцеговина денеска се одржаа општи избори на кои граѓаните избираа членови на Претседателството на БиХ, претставници во државниот парламент, претставници во Парламентот на ФБиХ, Националното собрание на РС, како и претставници во десет собранија на кантони во БиХ.

По преброени  406.094 гласови, односно 46,96 отсто од гласовите – Денис Беќировиќ има освоено 141.785 гласови (53,42), а Бакир Изетбегвиќ заостанува со 29 илјади (112.639), во трката за член на Претседателството како претствник на Бошњаците, јавува порталот Дневни аваз.

Жељко Комшиќ за истата позиција од редот на Хрватите има убедлива предност во однос на Борјана Кришто. Од досега пребројаните гласови има предност од 61 илјада. Комшиќ има 104.575 гласови, а Кришто 43.244 гласа.

На гласачките ливчиња има 7.258 кандидати. Право на глас имаат 3.368.666 граѓани на Босна и Херцеговина.

Речиси сите избирачки места во Босна и Херцеговина се затворени во 19 часот и почнува броењето на гласовите. Првите резултати, како и обично, ги објавуваат изборните штабови на политичките партии.

Претседателот на Централната изборна комисија на БиХ, Суад Арнаутовиќ изјави дека излезноста била 50 проценти без неколку избирачки места.

Како што рече Арнаутовиќ, попладне немало поголеми проблеми на избирачките места.

– Бројот на пријавени инциденти е 26 во Федерацијат БиХ, 21 во Република Српска, два во округот Брчко. Избирачките места беа затворени во 19 часот, освен оние кои имаа прекини. Имавме 30 пријави за прекршување на изборниот молк – рече Арнаутовиќ.

Изборите ги следеа околу 60.000 набљудувачи, од кои околу 50.000 се делегирани од политичките партии. Регуларноста на изборите ја контролираа нешто помалку од четири илјади меѓународни набљудувачи.