September 26, 2022 02:04
Македонија

Бесплатна настава по математика за сите трето-одделенци

Учениците од трето одделение може да посетуваат бесплатна онлајн настава по математика, благодарение на хуманитарните активности на Лајонсите во Северна Македонија.

„Лајонс клубот Охрид и образовниот центар ПИСИ, повторно, го спроведуваат проектот „МАТЕматика3МК” како помош за децата и нивните семејства. Секој понеделник и среда, наставник ќе реализира предавање во времетраење од 30 минути, на која покрај ученикот, може да присуствува и еден родител. Наставата може да се следи преку Фејсбук профилите на еден од родителите”, вели магистер Ангел Јанев од Лајонс клуб Охрид.

Пријавувањето за следење настава е преку ФБ страната „pisi obrazovanie”, со лајк на страната (link https://www.facebook.com/ObrazovenCentarPISI/).

Исто така, се реализира и бесплатен „еТЕСТОВНИК за 3 одд”, каде бесплатно се поставуваат материјали за вежбање, тестирање, за пишување домашни задачи, за проверка на знаењето, за напредување. Се поставуваат 4 тестовници со по 20 теста и со 3 комбинации за секој тест, односно по еден тестовник на тримесечие согласно планот и програмата на Министерството за образование и наука. Тестовникот може да се симне од www.matematika.mk, како помош за учениците, семејствата, но и на наставниот кадар.

Идеен предлагач и соработник во изработка и реализација на проектот е гувернерката на Лајонс дистрикт 132 за 2021/22 година, Весна Пацаноска. „Ние како движење секогаш помагаме на сите и во оваа насока, во мојата годишна програма за работа поставивме и вакви проекти кои нудат бесплатно образование на младите и поддршка на семејствата”, вели Пацаноска.