October 1, 2020 21:43
Македонија

Беровско Ратево подготвено за 12 издание на карневалот ,,Ратевски Бамбурци”

Традицијата стара 600 години наречена ,,Ратевски Бамбурци” и оваа година продолжува во беровското село Ратево. Таканаречените ,,Бамбурци” се група луѓе кои се маскираат во кожи кои достигнуваат тежина и до 70 килограми и се главни носители на карневалот на кој годинава, како што информираат организаторите се очекува да настапат над 300 маски од Македонија и Бугарија.

– Подготовките за овогодишниот карневал се при крај, така што во понеделник на 20 јануари 2020 година, кога христијаните го чествуваат ,,Св. Јован Крстител”, Ратево уште еднаш ќе биде домаќин на старата беровска традиција. Според она што ни го кажувале нашите предци станува збор за традиција стара 600 години, која настанала кога поради појава на болест, тогашните жители на Ратево со маски ги бркале лошите духови и болеста од селото. Традицијата еве и денеска по шест века и по 12 пат како карневал ќе се одржи во Ратево, велат организаторите.

Главното случување на настанот како што дополнија започнува во 10 часот кога сите учесници ќе продефилираат пред присутната публика која се очекува во бројка од 3000 посетители.

– Учесниците со својата маска, поединечна или групна имаат можност околу 5-10 минути да се претстават пред публиката и жири комисијата, по што околу 13 часот имаме одлука која маска е првонаградена на 12-тото издание на карневалот. Обезбедени се награди за трите најдобри маски како и благодарници за сите учесници, додаваат организаторите.

Локалниот обичај поврзани со Ратевските Бамбурци започнува рано наутро на 20 јануари на денот посветен на ,,Св. Јован Крстител” и има една цел, со танцот на Бамбурците да се избрка злото од Малешевијата.