August 12, 2022 01:57
Економија

Берлин ќе биде домаќин на Форум посветен на кризата со храна

Германија ќе биде домаќин на состанок за глобалната криза со храна предизвикана од војната во Украина, на кој ќе присуствува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, изјави владиниот портпарол.

На состанокот в петок, насловен „Сојуз за глобална прехранбена безбедност”, ќе се разговара и ќе се обиде да најде решение за недостигот на храна предизвикан од војната, изјави портпаролот на прес-конференција во Берлин.

– Владата е особено посветена во своето претседавање со Г7 на изнаоѓање заеднички одговори на надвиснатата глобална криза со глад предизвикана од агресивната војна на Русија прот ив Украина, рече тој.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок напиша на Твитер дека конференцијата има за цел „да ги стабилизира резервите на храна во светот”.

Западот побара од Москва да престане да ги блокира украинските пристаништа на Црното Море за да може огромните резерви на жито да се извезат на светските пазари бидејќи се зголемуваат стравувањата од глад во ранливите региони.

Москва негира дека е одговорна за кризата со храна и ги обвинува западните санкции за прекини во снабдувањето што ги зголемија цените на житото и ги поттикнаа стравувањата од глад во ранливите региони.

Средбата во Берлин ќе се одржи во време кога лидерите на Групата седум индустриски најразвиени земји се подготвуваат за средба од 26 до 28 јуни во германското алпско одморалиште Шлос Елмау.

На средбата се очекува да се приклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео врска.